Дефект на примарна водоводна мрежа, односно на една од главните цевки во Тетово е причина што од вчера попладне нема вода за пиење во делови од градот, информираа од Јавното комунално претпријатие Тетово.
Според нивните податоци во текот на вчерашниот ден било утврдено дека има дефект на цевка Ф-400 на улица „Цветан Димов“ што се наоѓа во близина на објектите на СВР Тетово. Поради тоа било прекинато водоснабдувањето и започнато со поправање на дефектот вчера во 17 часот и 30 минути. Прекинот во водоснабдувањето ќе трае се до целосната поправка на дефектот инфомираат од ЈКП Тетово.
Според податоците од работата организација Водовод и канализација при ЈКП Тетово во моментот издашноста на планинските извори од каде се снабдува градот со вода за пиење е повеќе од 500 литри вода во секунда. Ова значи дека во овој период градот ќе нема проблеми со редовното водоснабдување, а евентуалните прекини се поради честа појава на дефекти на водоводната мрежа поради старата и дотраена мрежа.
И покрај најавите за доволни количини вода за пиење во текот на летото надлежните апелираат таа рационално да се користи, бидејќи граѓаните често знаат да ја злоупотребуваат токму во овој период за миење на улиците пред своите куќи или деловни објекти, вадење на дворовите и градините и слично.