Судот, по советување и гласање го прифати предлогот на Обвинителството, за укинување на мерката куќен притвор и му одреди затворски притвор кој во овој случај може да трае најмногу 60 дена.

Судијката Џенета Беговиќ ја задолжи полицијата Мијалков да биде спроведен од неговата домашна адреса во КПУ Затвор Скопје.

-Во однос на обвинетиот Сашо Мијалков се уважува предлогот на Јавното обвинителство. Се укинува мерката куќен притвор против обвинетиот Сашо Мијалков определено со решение на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при овој суд. Став 2, спрема обвинетиот Сашо Мијалков се определува мерка притвор согласно член 481 став 4 од ЗКМ во врска со член 470 став 1 точка 1 од ЗКП до правосилноста на пресудата на овој суд, односно до започнување со издржување на казната, но најдолго 60 дена согласно член 481 став 4 од ЗКП а поради постоење на основите од член 471 став 1 точка 1 од ЗКП. Судот потенцира дека против обвинетиот Сашо Мијалков е поднесен обвинителен предлог па согласно член 481 став 4 од ЗКП предвидено е по објавување на пресудата во таков случај притворот да трае најмногу 60 дена. Обвинетиот Сашо Мијалков од Скопје да биде примен во КПУ затвор „Скопје“ – Скопје на издржување мерка притвор, рече судијката Џенета Бегтовиќ.

Таа додаде дека веднаш се овластуваат овластените службени лица од надлежната МВР на РСМ Скопје – ПС – Центар да го преземат обвинетиот Сашо Мијалков од адресата каде што се спроведува мерката куќен притвор и истиот да го спроведат до КПУ затвор Скопје – Скопје на издржување мерка притвор.  Жалбата, рече, не го задржува извршувањето на решението.  

Обвинителката Ленче Ристовска, како еден од застапниците на обвинението во случајот случајот „Таргет –Тврдина“ побара ефективен притвор, наместо куќниот кој сега е во сила за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кому денеска во Основниот кривичен суд Скопје му беше изречена затворска казна од 12 години за овој предмет, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

-Сметаме дека мерката куќен притвор опеделена за обвинетиот Мијалков не е доволна за обезбедување негово присуство, поради што предлагаме да му биде определена мерка притвор, рече обвинителката Ристовска.

Таа образложувајќи го барањето појасни дека вчера од МВР добиле известување дека не поседуваат техничка опрема и можност за 24 часовен видео надзор над Мијалков. Дополнително, рече, е преку Европол е потврдено е дека Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса во Прага и регистрирани две возила на свое име.

-Особено предлагам да се цени и фактот дека се работи за човек кој што е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, членовите на неговото семејство исто така поседуваат приватни бизниси, и сето тоа му става на располагање можности, пред се финансиски, организира логистика и може да живее во бегство сосем комотно, рече Ристовска.

Одбраната на Мијалков смета дека предлогот на обвинетиот на Сашо Мијалков да му се определи за  ефективна мерка притвор е неоснована, а како една од причините, меѓудругото наведе тоа што во моментов нав му е определен со решение КОВ бр. 61/2 домашен притвор пред кој, како што рече, стриктно се наведени основите и условите, односно обврските коишто обвинетиот треба да ги исполни.

-Дали до овој момент од донесување на ова решение со каква било постапка е нарушен кој било од овие обврски, односно основот за донесување на ова решение?  Одбраната, а и вие сметам дека и јавниот обвинител сметам дека е свесен дека тоа не е сторено, не е повреден ниту еден основ, рече Шврговски.

Во однос на тоа дека МВР не може да ги обезбеди обврските што се експлицитно дадени во Законот за кривична постапка и тоа се наведува како аргумент, односно основ поради кој на Сашо Мијалков треба да му се определи ефективна мерка притвор, Шврговски смета дека тоа што државата не може да го обезбеди она што Законот го бара не може да му се препише како пропуст на Сашо Мијалков.

-Државата се она што е наведено стриктно, експлицитно во Законот мора и треба да го обезбеди. Дали 24-часвониот надзор преку физичко обезбедување, а не преку електронска алка или видео надзор остава каков било сомнеж дека Сашо Мијалков може да стане недостапен на органите на прогонот и правдата? Секако дека одговорот е дека не може, рече Шврговски.

Во врска со основот за барање притвор кој се однесува на имотната состојба на Сашо Мијалков и тврдењето дека таа би му овозможила, доколку стане недостапен, да може да се крие му била позната и на јавниот обвинител и на цела јавност бидејќи се работи за јавно достапни информации уште пред започнување на кривичната постапка, а и во целиот нејзин тек. Тоа, рече, во никој случај не може да биде основ за определување на потешка мерка кога тие податоци се јавно достапни, евидентирани и познати.  

-Од овие причини одбраната смета дека не е исполнет законскиот основ за определување на потешка мерка од онаа која што е предвидено во решението на Кривичниот совет, рече адвокатот Шврговски.

Ристовска побара притвор и за обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски, а како што рече, со оглед дека тие се во бегство, кој би почнала да се извршува од нивно пронаоѓање и врачување на решението, до правосилноста на постапката. Таа побара притвор и за Тони Јакимовски , поради висината на казната за ова дело, но и поради неправосилната осуда казна затвор за друго дело. За останатите обвинителката Ристовска побара да останат мерките кои се во моментот на сила.    

Одбраната на Грујовски и Бошковски смета дека предлогот за притвор за овие лица е неоснован и оти не би можел да се спроведе. Од тие причини, посочи нивниот адвокат, тие мерката е непотребна.

-И уште еднаш сакам да го реактивирам ставот на одбраната на Грујовски и Бошковски, а тоа е дека за сите дела за кои денеска се осудени беше побарана екстрадиција како што наведовте во вашето експозе и сите судски истанци во земјата каде што беа затекнати вклучувајќи го и Врховниот суд на Република Грција одлучија дека не постојат услови за нивна екстрадиција а од причини што претседателот на Републиката со акт на милост ги ослободил од кривична одговорност и кривично гонење. Од тие причини имајќи го предвид ЗКП, имајќи го предвид Законот за меѓународна правна помош по кривична материја сметам дека против овие две лица не можеше да се изрече казна и не можеше да се поднесе предлог за определување мерка притвор, рече Шврговски.  

Обвинетиот Тони Јакимовски, реагираше дека барањето на Обвинителството е непотребно, бидејќи како што рече, додека сите други се дале во бегство, тој останал да се брани и бил секогаш присутен, како и дека неговиот целокупен имот е ставен како залог за тоа.

Основниот кривичен суд Скопје во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК денеска изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65  години за 11 лица.