Холандската престолонаследничка, принцезата Амалија одлучила во следните неколку години да не ја прифати својата апанажа од околу 1,6 милиони евра годишно, на која има право откако ќе наполни 18 години во декември.

Принцезата денеска испрати рачно напишано писмо до холандскиот премиер Марк Руте, во кое го известила за нејзината одлука. Таа истакна дека ќе ги врати парите, кои и понатаму ќе се уплаќаат на нејзина сметка, се додека е студент.

Уплатата се состои од околу 300.000 евра директно за принцезата и 1,3 милиони евра за давачки за персоналот и останати трошоци.

Принцезата вчера била известена дека ги положила сите испити за крај на средното училиште и сега планира да направи пауза од една година пред да почне со студии.

– Се чувствувам непријатно што можам да понудам толку малку за возврат и кога на останатите студенти им е многу потешко, посебно во овие неизвесни времиња на коронавирусот, напишала холандската принцеза.

Премиерот Руте во одговорот и честитал за матурирањето, истакнувајќи дека има разбирање и ја почитува нејзината одлука.

Ваквиот потег следува во момент на намален рејтинг на кралот Вилем-Александер во Холандија.