Грчкиот премиер Алексис Ципрас вечерва од политички настан организиран од неговата партија СИРИЗА во Солун, ќе испрати порака дека областа Македонија, односно северниот дел на Грција, поддржува солидарност и демократија, а не национализам, омраза, поделба и нетолеранција.
Говорот на Ципрас во Солун, закажан за 19.30 часот по локално време (18.30 по средноевропско време), на тема „ДА за Македонија на демократијата и солидарноста – НЕ за омразата и национализмот“, доаѓа по собирите и блокадите на средните училишта од учениците во северна Грција, кои преку слогани тврдеа дека „демократијата ја продала и предала Македонија“.
Како што јави МИА од Атина, паралелно и во исто време со обраќањето на грчкиот премиер што ќе се одржи во спортска сала во Солун, закажани се и три различни протести. Два на десничарски здруженија и организации кои се против Договорот од Преспа, а еден на анархистички здруженија и групи.
Преку социјалните мрежи, одредени групи за „одбрана на Македонија“, повикуваат на собири, а едните по пример на Французите, ги повикуваат Грците, да им се придружат облечени во жолти елеци.
Контра-протест организираат анархистички организации и групи.
Според грчките медиуми, поради говорот на Ципрас и закажаните протести, Солун вечерва ќе биде под силни безбедносни мерки за да се избегнат какви било инциденти.
Како што објави МИА минатата седмица, настанот на грчката владејачка партија против поделбата и нетолеранцијата го најави генералниот секретар на СИРИЗА, Панос Скурлетис, на прес-конференција во Солун.
Додека грчкиот премиер Алексис Ципрас вечерва ќе има обраќање во Солун, во Атина ќе започне 12-от Конгрес на опозициската конзервативна партија Нова демократија со говор на партискиот претседателот Кирјакос Мицотакис.
Двата паралелни настани беа тема и причина за нови меѓусебни препукувања и остри обвинувања и критики на релација власт-опозиција и низа соопштенија од СИРИЗА и Нова демократија.
Од огранокот на Нова демократија во Солун, реагираа дека Ципрас организира партиски „(контра)настан“.
– Во исто време кога Нова демократија ќе го започне 10-от Конгрес во Атина, со учество на над 5.000 избрани членови, набљудувачи и гости од Грција и странство, СИРИЗА од Солун и господинот Ципрас одбраа да организираат партиски (контра)настан за Македонија. Нивна очигледна цел е да привлечат публицитет наспроти отскочната штица на Нова демократија кон победа, се вели во соопштението.
Во исто време, „македонски граѓански организации“ повикуваат на собир пред Белата кула за да протестираат против Договорот од Преспа, соопштуваат од Нова демократија од Солун.
На ваквите најавени протести во Солун, реагираше СИРИЗА, која оцени дека „очекуваод Нова демократија, па дури и задоцнето, да се дистанцира од фашистичките неморални ставови на националистичките групи што организираат контрасобир на настанот на СИРИЗА во Солун“.
– Освен тоа, господинот Мицотакис во Парламентот направи сè за да потврди дека повторно се идентификува со позициите и реториката на екстремната десница, одговори СИРИЗА на обвинувњата на Нова демократија.
Опозициската партија, на ова преку соопштение нагласи дека нема никаква врска со протестите во Солун, бидејќи во исто време го одржува Конгресот во Атина.
– Ципрас нека прави што сака, каде што сака. Му посакуваме овој пат да има повеќе публика, отколку полицајци, се додава во реакцијата на Нова демократија.