Земјоделското здружение Современо земјоделство на министерот Љупчо Николовски, му додели плакета за  најуспешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од здружението посочија дека оваа плакета е резултат на мерките кои министерот Николовски и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги имаат преземано во изминатава година и половина, за развој на земјоделството.

Како што соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски  потенцирал дека оваа плакета ќе биде поттик и во иднина МЗШВ уште поинтензивно да работи на политики кои ќе бидат во корист на земјоделците и ќе го поттикнат развојот на агросекторот.

– Само заедно можеме да постигнеме развој во секторот, повисок стандард и подобар живот за земјоделците во Македонија. Резултатот од нашите мерки, на коишто посветено работиме, е видлив. Во првото полугодие од годинава имаме раст на земјоделството и учеството во БДП од над три отсто, пораст на вработеноста во секторот земјоделство, пораст на преработувачката индустрија во земјоделството, порачал министерот Николовски.

Во рамки на манифестацијата за  избор на најуспешни во областа на земјоделството за 2018 година беше организиран и мини саем за земјоделски производи, механизација и трактори, дегустација на традиционална пелагониска храна, вино, пиво, млечни производи, мед и друго.