Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, по вторпат заболе од Ковид – 19 и денеска не се појави на судење во Кривичниот суд во Скопје.
Како што објави ТВ Алсат Мијалков на 5 јануари направил тест во приватна лабораторија по што добил позитивен резултат на вирусот. Поради ова, тој денеска не се појави во Кривичниот суд за да седне на обвинителна клупа за случајот „Плацови на Водно“. Судијата Илија Трпков соопшти дека решението за изолација на Мијалков му било издадено од 10 јануари.
Одбраната на обвинетиот Мијалков како што извести судијата Трпков, го информирала судот дека истиот е позитивен на коронавирус. Позитивни на Ковид-19 според судот се и неколку адвокати на обвинетите.
На денешното рочиште беше предвидено да биде сослушан сведокот Кирил Божиновски. Следното рочиште за овој предмет е закажено за 24 јануари.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.