Постигната е согласност за заедничко одбележување на цар Самуил, свети Климент и свети Наум на дводневната средба на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија што заврши синоќа во Скопје.
-По долги дебати, заедничката комисија постигна согласност да даде препорака до владите на двете држави дека постојат доволно елементи за заедничко одбележување на св. Климент, св. Наум и цар Самуил, како мост за градење меѓусебни пријателски односи, во духот на Договорот за пријателство и добрососедство, соопшти македонскиот тим од заедничката комисија.
На средбата е разгледувана можноста за заедничко одбележување некои историски личности кои се значајни и за двете држави, додека дискусијата за учебниците по историја беше одложена за следната средба.
Ова е четврта средба на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која е формирана согласно Договорот за добрососедство меѓу двете земји.