Охрид се уште го чека шпицот на летната туристичка сезона, со релативно ниски температури невообичаени за овој период од годината.
Студеното време што го зафати регионот во текот на втората половина на минатиот и првата декада на овој месец во значајна мера влијаеја врз посетеноста на градот. Охрид не е празен, напротив, исполнет е со гости, но претежно со оние кои организирано летуваат тука преку аранжманите на неколкуте тур-оператори кои веќе редовно носат туристи од Холандија, Полска, Турција, Израел, Естонија, а бројни се и туристите кои доаѓаат на Охридското Езеро преку кружните тури што се реализират со соседните држави.
Сепак, значајно е помал бројот на викенд-гости во Охрид од земјата, како и туристите од најблиското соседство, односно земјите од регионот кои по правило се најбројни, но чија бројност во најголема мера се врзува со топлото време и кои најмногу се решаваат да го посетат градот и Езерото во денови кога температурите се навистина високи.
Плажите на охридската ривиера се речиси празни, сето последица на ниските температури, повремените врнежи од дожд и навистина студената вода на Езерото која моментално изнесува 21 степен Целзиусов и е под просекот за овој временски период.
Сигурно е дека дополнителен број гости се очекува да пристигнат за манифестацијата „Бела ноќ“ на 14-ти овој месец со која и официјално ќе биде означен почетокот на главната летна туристичка сезона, како и за отворањето на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето“.
Сепак за вистинскиот шпиц на сезоната ќе се чека на подобрување на временските прилики кои досега не одат во прилог на очекувањата за рекордна посетеност на градот и крајбрежјето.