Здружението за заштита на животната средина Охрид СОС алармира дека крајбрежјето на Охридското Езеро во Албанија е претворено во градилиште наспроти препораките на УНЕСКО кои се однесуваат на Македонија за заштитата на регионот.

– Во извештајот кој пред неколку месеци на албанското Министерството за култура и Министерството за туризам и животна средина го доставија до светската организација и стручните тела, се спомнуваа некакви проекти, санации, состаноци за меѓугранична соработка, инспекции на терен. Но никаде не беа споделени вакви активности, алармира Охрид СОС.

Од една страна, се додава во реакцијата, се прокламира заштита на природното наследство на Охридскиот регион, но од друга, се форсираат проекти кои ја нарушуваат природната рамнотежа.

Здружението од Охрид на Фејсбук објави дека не треба да се забораи, дека заради вакви и слични предлози или интервенции на македонска страна беше предложено Охридскиот регион да се стави на листата Светско наследство во опасност.

-Се чини дека албанскиот премиер (Еди Рама, кој ги сподели овие фотографии на Фејсбук) да не е во тек со процесите кои се одвиваат, па форсира зафати кои се во спротивност на дадените препораки. Наместо исполнување на препораките, имаме вакви нови ситуации, кои не одат во прилог на заштита туку напротив, дополнително ги уништуваат специфичните предели, реагираат од Охрид СОС.

Уште еднаш на дело се покажува немањето волја за реално зачувување на исклучителните универзални вредности (ИУВ) на регионот, лицемерието на институциите, кои едно зборуваат или пишуваат а прават нешто сосема друго и ставањето на некои други интереси над оние кои треба да се приоритет. Албанскиот дел од регионот само пред четири години беше вклучен на листата, но многу брзо се покажаа слабостите на терен. Неодамна, на средба со неколку организации и активисти од Поградец, Тушемишта и Тирана беа споделени загрижувачки информации. Заткулисно, се прави простор за ваквите проекти, иако државата се обврзала дека ќе го заштити тој дел од Охридскиот Регион.

– Не попусто УНЕСКО инсистира на усогласени закони меѓу двете држави и интегрален план за управување со регионот, со цел доброто да го има истиот степен на заштита, независно во чија територија се наоѓа, велат од Охрис СОС.