Охрид од вечерва се до 20 август ќе живее со уметноста, преку содржините на програмата на 63. издание на најголемата и најпознатата културно-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето“. Од вечерва ќе блеснат сцените на Атичкиот театар, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, сцената „Долни Сарај“, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот. Тоа се местата каде ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите вљубеници во уметноста, во она што претставува врв во уметноста во светски рамки.
Програмата нуди неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката, драмската уметност, програма за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид. Вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и Македонија.
Како и секоја година отварањето на Фестивалот носи посебна возбуда и избрана содржина…Првата фестивалска вечер годинава е резервирана за познатата сопранка, Ангела Георгиу, уметницата која ги полни најголемите сали низ светот, познатите Карнеги Хол, Метрополитен, Лондон, Дубаи…Таа на инспиративната сцена на Античкиот театар ќе настапи со симфонискиот оркестар на Националната опера и балет под диригентска управа на Чипријан Теодорашку, со кого најчесто настапува. Нејзичниот ангелски глас, како што е најавено од организаторот, ќе ја одведе публиката на патување низ светот на класичната музика, преку ариите од најпознатите опери…
Концептот и на годинешното фестивалско издание ги следи заложбите во текот на сите 40 фестивалски денови „Охридско лето“ да понуди квалитетна и атрактивна програма со врвни светски уметници.
Оваа година музичката програма носи околу 70 проценти од фестивалските збиднувања, претостанатото е во делот на сценската уметност – драмската програма со татарските престави.
Тука се и настапите на виолинистот Немања Радуловиќ и оркестарот „Double Sense“, „Френк Дупре“ џез триото, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот „Фејмс“, камерниот оркестар „Кончертанте“ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл „La Spagna“, дувачкиот камерен ансамбл „Камерата академика“ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд…
Театарската програма ќе биде отворена со Стивен Фридмен и Офф Бродвеј претставата Бикот на Фаларис. На 26 јули „Охридско лето“ ќе го донесе едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, актерот Џон Малкович со претставата „Пеколна комедија – исповедта на еден сериски убиец“, во режија на Михаел Штурминген.
Три дена подоцна, на 29 јули ќе биде одиграна „Ана Каренина“, во продукција нa Ујвудеки Зинхаж од Нови Сад, во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. На фестивалската прогама е и премиерата на претставата „Едвард Втори“, на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, по текст на Кристофер Марлове, режирана од европскиот авторитет, украинскиот режисер Андриј Жолдак. Настап ќе има и Охридскиот народен театар со „Серјожа е туп“ од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска. Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе му даде сценски приказ на едно од најголемите книжевни дела „Декамерон“ од Џовани Бокачо, во драматизација на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска, а во режија на Мартин Кочовски. МГЛ-ГРадфскиот театар од Љубљана гостува со претставата „Нора“ од Ибзен, во режија на Нела Витошевиќ…За затворање на фестивалот во Охрид доаѓа најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ во претставата „Лагата од Флоријан Зелер“, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар. Биковиќ ќе настапи саедно со извонредните Тамара Крцуновиќ, Миoдраг Радониќ и Јелисавета Теодосиќ…
За роденденот на „Охридско лето“ секогаш се избирале посебно атрактивни уметнички содржини. Оваа година на 4 август за првпат на фестивалот фадо музика, со Јоана Амендоира, изведувачка која има снимено најмногу албуми со фадо музика од сите останати уметници од тој жанр.
И ова фестивалско издание ќе биде издвоен простор за домашните уметници. Тука е музичко-сценскиот проект на МОБ со „Госпоѓиците од Авињон“, комбинирана балетска престава на музика напишана од Калопи. Тука е и вечерта разервирана за концертот што секоја година го организира Музичката младина на Македонија како веќе етаблирана фестивалска содржина. Тука се и пијано-рециталот на Кека Мимоза, Дино Имери, концертот на дуо-пијано Гелебешеви, настапот на трио „Аура“, празничен концерт со духовна музика на хорот „Про-Арс“…Една од музичките вечери ќе биде посветена на охридскиот флаутист кој прерано замина од овој свет – Илија Зимбо.
Фестивалот „Охридско лето“ е дел од семејството на Европската асоцијација на фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности.
„Охридско лето“ денес претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Република Северна Македонија, манифестација што на најдостоинствен и најрепрезентативен начин не промовира ширум светот.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува со под покровителство на Претседателот на Републиката, со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а помогнат од Општина Охрид, како и од бројни спонзори.