Судењето за тепачката во Охрид, во која беше истепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети, е одложено поради отсуство на обвинетиот кој со документација од доктор докажа дека е болен.

Охридското Обвинителството поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа Пендиков, кој потоа со владин бугарски авион беше пренесе на лекување во Бугарија, а потоа доби и бугарско државјанство и пасош.

Пендиков иако се чувствувал загрозен, нема да бара обезбедување од МВР, но не одговори на прашањето дали со обвинетиот Илија Спасески за кој тврди дека го натепал, се знае од претходно, како и дали причините за тепачката се нерасчистени односи од претходно, пренесе Макфакс.

– Се чувствувам загрозен. Добивам закани на социјални мрежи. На коментари си читаме закани кај што сакаат да не убијат. Не се чувствувам океј. Пријавено е во полиција. Редовно си пријавуваме. Пријавено е и во ОБСЕ, сегде, вели тој.

На прашањето, како престојува во Македонија ако добива закани, тој одговори: „Престојувам нормално, со надеж дека нема да нѐ убијат следен пат“.

Пендиков во Бугарија доби обезбедување, а во Македонија се шета без заштита:

– Се надевам дека одиме нанапред, дека имаме поотворено мислење, не треба да се тепаме заради некакво национално чувство. Се случи инцидент, се надевам дека нема да се повтори за никого. Не е убаво никој да е тепан и омаловажуван поради национално чувство, вели Пендиков.

Неговиот адвокатот Стефан Камишевски, не му дозволи да одговори дали се точни шпекулациите дека тој не бил претепан поради неговото бугарско чувство, туку поради нарушени односи од претходно.

– Јас ќе му одговарам на тоа прашање, се извинувам, рече адвокатот.

И покрај инсистирањето Пендиков да одговори дали се знае со обвинетиот Спасески, адвокатот не дозволи.

– Сега јас ви благодарам, Пендиков мора денеска да се врати назад во Софија, бидејќи се уште му трае лекувањето и повредите не му се заздравени, рече адвокатот Камишевски.