Чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона е целта на големата еколошка акција „Мој Охрид, чист Охрид“ што на 9 јуни ќе се спроведе на пошироката територија на градот и долж крајбрежјето на Охридското Езеро.
Организаторите на акцијата подрачјето на потегот од населбата Воска во самиот град се до хотелот „Десарет“ го имаа поделено на осум реони, со цел групите организирани за чистење да можат поефикасно да работат на терен, а и да биде олеснето собирањето на отпадот од комуналните служби.
Акцијата што се реализира со помош на охридските медиуми, еколошки и спортски друштва, а со поддршка на бизнис-заедницата и Локалната самоуправа очекува од граѓаните и учениците на Охрид активно да се вклучат и да се исчистат најпосетуваните делови на градот, неговото централно подрачје и плажите, каде е најголемата фреквенција на туристи во пресрет на главната туристичка сезона.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани преку оваа акција активно да придонесат Охрид да блесне во целата своја убавина пред главната летна туристичка сезона.
За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз до подалечните плажи. Активно во акцијата ќе се вклучат и нуркачите од клубот за подводни активности „Охрид“, кои ќе го чистат дното на Охридското Езеро на потегот пред селото Пештани.