Со изјавата дека нема да има решение во разговорите за името Панос Каменос ги поткопува преговорите што се во тек, смета одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.

– Ако ова е изјавата на Каменос, тогаш владата има голем проблем, бидејќи додека преговорите се во тек и додека Коѕијас се наоѓа во Вашингтон и Њујорк за овие преговори, се појавува министерот за национална одбрана и во суштина ги поткопува напорите на владата. Ова е голем проблем, голем проблем што пред себе го има владата и треба да го реши, вели Кумуцакос, во изјава за медиумите, по конференција во Атина, коментирајќи го ставот на грчкиот министер за одбрана.

Во однос на името „Република Илинденска Македонија“,  што според соопштението на Нова демократија во петокот вечерта, грчката Влада го разгледуваше како предлог за евентуален договор, а 24 часа подоцна, од кабинетот на Ципрас индиректно го отфрлија. Одговарајќи на прашање на МИА од Атина Кумуцакос уште еднаш го повторува ставот на неговата партија против ова име и вели дека ова „не е прв пат што владата е изгубена во превод“.

– Тоа се има случено повеќе пати, дали на дипломатско, дали на економско ниво. Тоа е нивен проблем и јас не можам да го толкувам. Едноставно ќе треба во следните денови да разјаснат која точно е нивната позиција. Во секој случај многу ми е тешко да разберам како грчката Влада прифати, па дури и како предмет на разговор, едно име што има тешка политичка и геополитичка одговорност,  односно наследство што е идентификувано со „македонскиот иредентизам“ и со македонската експанзија, вели Кумуцакос и додава дека „прославите на Илинден е моментот кога се отвораат карти на Голема Македонија“.

Со Каменос немаме различни позиции, вели алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, коментирајќи ги изјавите на лидерот на Независни Грци и коалиционен партнер во грчката влада, Каменос.

– Каменос јасно кажува дека ако не се реши прашањето со уставната ревизија, ако другата страна не ја изврши таа обврска, договорот нема да дојде во Парламентот и тоа е вистина. Ние сметаме дека решавањето на ерга омнес, општото прифаќање на името и во внатрешноста и во надворешноста со уставна ревизија е еден од предусловите на пакет договорот. Ова е нешто што и ние го имаме потенцирано и за ова немаме разлики со Независни Грци, вели Катругалос и додава дека во однос на неприфаќањето на сложено име со терминот Македонија од Каменос, тоа е нешто што претседателот на Независни Грци, го има кажано и во минатото.

Во изјава за медиумите, по конференција во Атина, алтернативниот шеф на грчката дипломатија не даде директен коментар, одговарајќи на прашањето во однос на тоа дали Никос Коѕијас индиректно го одби предлогот „Република Илинденска Македонија“ со изјавата од САД дека потребно е да се прифати име од предлозите на медијаторот.

– Нашата цврста позиција е дека за името да биде прифатено треба да задоволува два критериуми. Едниот е да го разделува историскиот и грчкиот карактер на нашата Македонија од соседната земја и другото е дека не треба да содржи иредентистички елементи. Ова е нашата генерална позиција и очигледно е дека нема да коментирам нешто што е поврзано со преговорите што се во тек, рече Катругалос.

На прашањето дали е сѐ уште умерен оптимист или веќе се движи кон само оптимист за решение, алтернативниот МНР на Грција, ја повтори метафоричната изјава на Ципрас дека „пред нас ги имаме последните 100 метри од маратонот, но тие 100 метри се и најтешките“.

– Оптимист сум, но во никој случај го немаме договорот во џеб, додаде Катругалос.