Учеството на Русија на Олимписките игри во Токио е под знак прашање поради нов допинг скандал или криење прекршок на руски атлетичар кој е главен фаворит за златен медал, пишува „Сандеј тајмс“.
Раководителите на руската атлетичарска федерација, според истиот извор, му помогнале на скокачот Данил Лисенко да ја избегне казната поради тоа што минатата година не доставил адреса на која би можеле да го посетат надлежните за допинг контроли.
Наводно, од федерацијата лажирале документи дека 22-годишниот Лисенко поради болест не можел да ја пријави локацијата, а подоцна се испоставило дека лекарот и клиниката кои го потврдуваат тоа биле измислени и дека на наведената адреса има срушена зграда.
– Клиниката е лажна од глава до петици, од регистарските броеви, до имињата на лекарите и фалсификуваните документи. Клиниката не постои, дури и нејзината адреса е всушност адреса на срушена зграда. Дури и за тоа лажеле, изјави за Тајмс извор близок на истрагата.
Истите извори тврдат дека доколку истражителите од Единицата за интегритет во Атлетиката докажат дека обвинувањата се вистинити, Русија сигурно ќе биде исклучена од учеството на Олимписките игри во Токио, кои ќе се одржат во 2020 година.