Градоначалникот на струмичко Ново Село, Боро Стојчев е осуден на 18 месеци затвор, а претходно јавното обвинителство го преквалификува делото од криумчарење на цигари во „пренесување непријавена стока“.
По денешната расправа, струмичкиот суд ги изрече пресудите, покрај за градоначалникот Стојчев, кој доаѓа од редовите на СДСМ, и за останатите лица кои на 10 јули беа фатени на локалитетот Попова Чука како шверцуваат цигари.
Како што информираа од судот, градоначалникот Стојчев е осуден на казна затвор од година и шест месеци додека неговиот син и внук добија казна затвор од една година. Заради здравствени причини сопругата на градоначалникот доби условна казна, а лицето кое требало да го набљудува теренот од полиција, доби осумесечна казна затвор.
Основното јавно обвинителство пред денешната расправа го измени обвинението и на осомничените не им се судеше за криумчарење туку за кривично дело обид за пренесување непријавена стока.
Сите обвинети го признале кривичното дело заради што имаат право на жалба до Апелација во Штип единствено за висината на казните. Според пресудата се укинува и мерката притвор за што обвинтиелството има право на жалба
Градоначалникот на Ново Село со неговите најблиски беше фатен на два километри пред македонско – бугарската граница како во две теренски возила превезуваат 33.000 кутии цигари од марката Калипсо во висина од милиони и 200 илјади денари.