Основното јавно обвинителство Скопје информира дека е поднесена наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице осомничено дека во декември годинава сторил две разбојништва во аптеки во Скопје при што одзел над 11 илјади денари.
– Осомничениот првото разбојништво го сторил на 4 декември годинава во аптека на Зегин Фарм ДООЕЛ Скопје која се наоѓа на булевар „Митрополит Теодосиј Гологонав“ во Скопје. Тој околу 18.45 часот влегол во аптеката со црна маска на лицето и полн шприц во раката, се заканил на вработената по што одзел 9.790 денари. Второто разбојништво го сторил на 12 декември во 18.25 часот, во ПЗУ Моја Аптека Зегин. На ист начин, со маска на главата и скалпел во рацете се заканил дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на вработените, по што одзел 1.500 денари, информираат од ОЈО Скопје.
Поради постоење на околности што укажуваат на опасност од бегство и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомниченото лице ќе го повтри кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување на мерката притвор против осомниченото лице.