Постојат правила со кои треба да научиме да живееме, како што научивме да живееме ставајќи заштитен ремен во автомобилите, како што научија оние кои возат мотори да носат кацига, така сега ќе научиме да живееме со маска, вели заменик- министерот за развој и инвестиции на Грција Никос Папатанси за грчката телевизија „Мега“.

Со олабавувањето на мерките во земјата, од понеделник, заштитната маска, ракавиците за една употреба и антисептиците, во одредени случаи, стануваат задолжителни за Грците во дел од бизнисите што започнуваат со работа, како за вработените, така и за клиентите, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателката на Медицинската асоцијација од Атина, Матина Пагони за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека е потребна подготовка „за да се навикнеме на новите упатства што ќе бидат дел од секојдневието во пост –коранавирус ерата“

Фризерските салони, берберниците и салоните за убавина ќе работат само со закажан термин, а растојанието меѓу столиците треба да биде два метри.

Бројот на клиенти ќе биде во зависност од големината на салонот, ако е до 20 метри квадратни, не смее да има повеќе од четири лица (вработени и муштерии), од 20 до 100 метри квадратни, четири лица плус едно лице на секои десет метри квадратни за секој дополнителен метар од 20 до 100.

За салоните од над 100 метри квадратни, 12 лица плус едно лице на секои 15 метри квадратни.

Пагони, за АНА-МПА објаснува дека прозорците и вратите треба да бидат отворени за да влегува воздух, а да не се користат клими. Потенцира дека е потребна особена внимателност со употребата на фенот, а вработените треба да носат маски и ракавици што ќе ги менуваат за секој нов клиент.

Во однос на продавниците, од кои дел започнуваат со работа во понеделник, а другиот дел една седмица подоцна, на 11 мај, употребата на маска не е задолжителна, туку од грчката Влада има „строга препорака за користење“ и од вработените и од клиентите.

Претседателката на Медицинската асоцијација од Атина, за АНА-МПА објаснува дека во малите продавници препорачливо е да има од еден до двајца муштерии, а потенцира дека е потребна голема претпазливост во пробувањето облека. Препорачува да сето она што поминува низ главата да не се пробува, пробувањето да се сведе на минимум, а по враќањето дома задолжително да се испере новата облека и лицето да се избања.

Во понеделник, како што вчера објави МИА, во Грција започнува првата фаза од олабавувањето на мерките со укинување на забраната за движење и отворање на фризерските и козметичките салони, берберниците, книжарниците, продавниците за електроника, за спортска опрема, цвеќарниците, како и Центрите за техничка контрола на возила.