Утре истекува рокот за одложено плаќање на ратите на кредитите на физичките лица кои ги дадоа банките на одредени категории граѓаните погодени од ковид-кризата.
Ново одложување дали ќе има од банките засега немаат наведено на своите веб страници. Она што деновиве е испратено до клиентите од одредени банки е дека се воведува нов начин на утврдување на нефункционалните кредитни изложености на клиентите. Новиот начин на утврдување на нефункционалната изложеност е согласно регулативата од Европската централна банка и важи од 31.12.2020 година.
-Промените во новата регулативa се одразуваат на третманот на клиентите кои користат повеќе различни кредитни продукти. Пред овие измени, уредноста на отплатата кај еден клиент се следеше одделно, по користен продукт. Со измената, ќе се следи вкупниот износ, односно збир на кредитна изложеност од сите користени кредитни продукти на клиентот во Банката, појаснуваат во известувањето.
Согласно новата регулатива, за нефункционална кредитна изложеност ќе се смета доспеан долг повеќе од 90 дена, а вкупниот износ на доспеани обврски треба да е поголем од 100 евра во денарска противвредност и да надминува еден отсто од целокупната искористена кредитна изложеност.
Тоа ќе значи дека доколку граѓанинот има нефункционална кредитна изложеност на еден кредитен продукт, ќе значи дека има нефункционална кредитна изложеност на сите кредитни продукти во банката.
Одложена отплата на кредитите имаше во два наврати од 1 април минатата година до 30 септември 2020 година и вториот од 1 октомври 2020 година заклучно со 31 март 2021 година.
Поради кризата настаната од Ковид 19 беше овозможена одложено плаќање на ратите на кредитите од 1 април 2020 година до 30 септември 2020 година. Понудата важеше за сите физички лица за одложување на отплатата на ратите за кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања, а кои на 29 февруари 2020 година беа класифицирани во категорија на ризик буква А, Б или В и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност.
Понудата,објавена до банките во согласност со регулативата на НБРСМ, според споделени податоци ја одбија една третина од граѓани, но дел од оние што првично ја прифатија потоа се вратија повторно во редовна отплата на кредитите.
По првата можност за одлагање на отплатата на кредитите банките понудија втора со рок од 1 октомври до 31 март. Оваа понуда можеа да ја користат граѓани кои имаат намалени месечни приходи од 10 отсто или над 10 отсто во периодот на ковид-кризата споредено со месеците од пред ковид-кризата, им престанал работен однос во периодот на ковид-кризата, имале високи трошоци за лекување во периодот на ковид-кризата, како и поради отсуство на приливи на трансакциска сметка (плата и други приливи) во периодот на ковид-кризата споредено со месеците од пред ковид-кризата.
Дваесет до 30 проценти од граѓаните што ја искористија можноста за одложување на плаќање на ратите на кредитите во првиот период, кој почна од април и трае до крајот на овој месец, побараа да ја искористат и втората дадена можност од банките за одложување на отплата на обврските за уште шест месеци и таа завршува на крајот на овој месец.
Новите шест месеци одложување на плаќање на обврските не се однесуваше на сите физички лица.
-Имајќи ги предвид продолжените несакани ефекти од пандемијата на Ковид-19 врз економијата и врз животот на граѓаните, а согласно регулативата на Народната банка, банките во Република Северна Македонија овозможуваат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти кои имаат реална, неопходна потреба, како на пример: останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и сл. Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата, наведоа од банките при давањето на оваа можност за одложување на отплатат на ратите.
Секоја деловна банка на својата веб страница имаа објавено детални иформации, а клиентите во рок од 10 дена од објава на понудата требаше да се изјаснат дали имаат потреба од продолжување на одложената отплата на обврските.
Втората можност за одлагање на отплата на ратите заклучно со 31 јануари 2021 година била искористена за 7,1 отсто од вкупните редовни кредити.
Засега банките на своите веб страниците немаат објавено нова понуда за одложување на кредитите.
Според податоците на Народната банка во јануари е забележан годишен раст од 4,6 отсто кај кредитите со поголем придонес на секторот домаќинства. На месечна основа е забележан пад од 0,1 отсто како резултат на намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, додека кредитирањето на домаќинствата не забележа промена на месечна основа.
Во јануари, кај кредитите на корпоративниот сектор е забележан пад од 0,2 отсто, на месечна основа. Надолната промена,според податоците на НБРСМ, пред сѐ е резултат на намалувањето на кредитите одобрени во странска валута, при помало влијание и на кредитите во денари. Во споредба со истиот период од претходната година, кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 1,6 отсто, што во целост е одраз на растот на кредитите во странска валута, во услови на мал пад кај кредитите во денари.
Во јануари, вкупните кредити на домаќинствата се непроменети на месечна основа. На годишна основа овие кредити имаат раст од 7,4 отсто, што, според НБРСМ се должи на зголемувањето на кредитите и во домашна и во странска валута, при поизразено зголемување на кредитите во денари.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките кредити, е забележан мал месечен пад од 0,8 отсто, додека на годишна основа е остварен раст од 6,3 отсто. Станбените кредити бележат месечно зголемување од 0,4 отсто и годишно зголемување од 13 отсто. Кај автомобилските кредити има пад и на месечно ниво и на годишно од 1,9 отсто, односно 10,5 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 2,7 отсто и осум отсто, на месечна и годишна основа.
Сузи Котева Стоименова за МИА