Олгица Никола Трајковска
И порано, но посебно сега, во кампањава за претседателските избори, наидуваме на изјави дека во Уставот на МК треба да се вгради КЛАУЗУЛА ЗА НЕПРОМЕНЛВОСТ на името МАКЕДОНИЈА (читај: непроменливост на изведените придавки – македонско/ска/ски) како право на самоопределување и самоидентификација.
Разбирлива е популистичката нота, дури и патриотската, но изневерениот, истоштен и унижен Македонец, пречесто е изложен на некои утешни, а неосновани решенија, кои подоцна, како неостварливи, предизвикуваат уште поголема разочараност, безнадежност и недоверба.
Затоа, сметам дека е корисно секогаш да се знае вистината и „вредноста“ на која било, навидум угодна идеја, а во случајов – да се знае и ПРАВНАТА не/основаност на таквото решение:
1. Уставот, како и секоја негова промена (амандмани) е највисок нормативен акт на позитивното право во МК, што се однесува во пропишана процедура. Оттука, дури и таква клаузула за „непроменливост“ , сама по себе, не ништо друго, или повеќе од која било друга уставна одредба донесена во пропишана процедура. Па, поради тоа, сосема основано, би можело, исто така, да биде променета. Во МК, Уставот се менува со двотретинско мнозинство од парламентот, а за некои одредби е потребно и т.н.р. „Бадентерово мнозинство“ (промената е еднакво можна, дури и под претпоставка – да е предвидено нивно донесување со 100 отсто акламативно изјаснување)!
2. Евентуално, поголема заштита на името Македонија/ско/ска/ски, би била остварена доколку би се обезбедила со одлука од т.н.р.„задолжителен“ референдум. Но, мора да се истакне дека референдум за вакво прашање е недопуштен, ниту според закон, ниту според Устав! Бидејќи за ниеден орган или облик на одлучување, и во ниедна процедура, не е пропишано/допуштено изјаснување за ова прашање, кое патем не било утврдено од некого, како предмет на негово/нечие одлучување. Името Македонија/ско/ска/ски не е одлука/сопственост на овие генерации, туку е наследено од предците и позајмено од потомците!
Оттука, распишување референдум за одлучување за промена на името би било и незаконско/неуставно.
3. Најголема, целосна и неприкоснновена заштита на името е утвдена со највисоките акти на ООН, кои децидно ги утврдуваат природните права на народите и поединците за самоопределување и самоидентификација, тнр. IUS COGENS! Овие права се апсолутни, и со ниеден акт на позитивното право, не може да бидат променети/забранети/ограничени/суспендирани, по ниедна основа!
Воедно, името „Македонија“, како и севкупниот македонски идентитет, јазик, обичаи… е настанато природно, милениуми наназад, за разлика од некои новонастанати и новоименувани држави и народи/нации именувани со одлуки на нивни органи, но, и ним, по ниедна основа, не смее, поради тоа, да им се намали или ограни ова универзално право на самоопределување/самоидентификација!
Уште повеќе, секој акт кој би бил спротивен на овие загарантирани, апсолутни права би бил ништовен! (таков е на пример: Преспанскиот договор, согласно меѓународното право).
4. Институтот на тнр „стекнати права“ е неапликативен на овие „природни, апсолутни права – ius cogens“ кои, не се однесуваат на нив, ниту може да се однесуваат, бидејќи тие постојат независно од било кое позитивно право, па затоа и не може да бидат предмет на „стекнување“. Над нив се, како универзални!
„Стекнатите права“, според правната теорија и искуства, се однесуваат главно на наследните, имотните, семејните, работничките и слични права од овој вид, кои остануваат во уживање на оној што ги стекнал, по правило, независно од наредни и поинакви законски решенија. Но тие, за разлика од природните права, кога е во интерес на повисоки државни интереси, може да бидат предмет и на ограничувања.
(авторот е дипл. правник и културен работник)