Мислејќи дека работи во интерес на својата земја и народ, премиерот Зоран Заев продолжува да ги загрозува позициите на Република Македонија, тврдат од Обединета македонска дијаспора (ОМД), со седиште во Вашингтон.
Изјавата на претседателот на Бугарија, Румен Радев, во која покрај извинување на социјалните мрежи, од премиерот Заев бара „јасно и гласно извинување за присвојување на Илинден како македонски празник“, според ОМД е одраз на бугарските аспирации кои се противат на добрососедските односи претставени во договорот.
Имено, најавата на Радев за регулирање на прашањето за Илинден преку амандмани на договорот со чие прифаќање се условува бугарската поддршка за интеграција на Република Македонија во Европската Унија, според ОМД е обид за остварување на апсолутно редефинирање на македонската историја.
„Согласно ставот на ОМД, добрососедскиот договор со Бугарија е штетен за Македонија и македонската национална кауза, кој воопшто не ги заштитува нити ги гарантира правата на македонското малцинство во Бугарија. За добрососедски односи потребни се дела, а не договори“, порачуваат од ОМД.