Омикрон како што е именуван новиот сој на коронавирусот денеска ги „зарази“ светските берзи.
Цените на нафтата денеска паднаа за повеќе од 5 отсто, на најниско ниво во последните два месеца, бидејќи новата варијанта на коронавирусот внесе страв и загриженост кај инвеститорите дека може да има значителен вишок на понуда во првиот квартал од 2022 година.
Цените на нафтата на светските берзи паднаа поради нервозата дека новиот вид на вирусот може да го забави економскиот раст и побарувачката за гориво. Велика Британија и другите европски земји го ограничија патувањето од земјите во јужна Африка, каде што е откриена нова мутација на ковид.
Северноморската сурова нафта „Брент“ падна за 4,28 долари или 5,2 отсто, и се продава по 77,94 долари за барел, објави Ројтерс.
Американската сурова нафта WTI падна за 4,31 долар, или 5,5 отсто, и цената сега изнесува 74,08 долари за барел.
Двата вида нафта се на пат да ја завршат петтата последователна недела со загуба.