Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш се состана зад затворени врати со 35 претставници на земјите донатори и го повтори својот апел за обновување на финансирањето и нови донации за Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).
Тој доцна синоќа ги информираше амбасадорите, вклучително и оние од Европската унија, за тоа што се прави по наводите дека 12 вработени во агенцијата учествувале во терористичките напади на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.
Гутереш ги нарече израелските обвинувања „ужасни“ и покрена истрага.
Палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур по состанокот изјави дека генералниот секретар апелирал до многу земји кои го прекинаа финансирањето на УНРВА по обвинувањата, да ја преиспитаат таа одлука, а апелирал и до „други земји“, вклучително и оние во регионот.
Мансур рече дека 153 вработени во УНРВА загинале во Газа од 7 октомври, што е најголем број на персонал на ОН убиени во операции од Втората светска војна, и ги повика донаторите да не преземаат чекори „што претставуваат колективно казнување на милиони палестински бегалци“.
Тој ги пофали Норвешка, Шпанија и другите земји кои рекоа дека нема да ја прекинат помошта.
Портпаролот на ОН Стефан Дижарик претходно изјави дека ниту една друга организација освен УНРВА нема инфраструктура да го прави она што го прави во Газа и на Блискиот Исток и оти „не е изводливо на кој било начин, облик или форма“ брзо да се замени агенцијата на ОН.
Дижарик, исто така, рече дека секоја година УНРВА претставува список од 13.000 вработени во Газа на Израел и на палестинската управа и оти досега не е изразена никаква загриженост.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН повика на итна акција за проширување на испораката на хуманитарна помош за цивилите во Газа.
Беше објавено соопштение во кое се изразува загриженост поради ужасната хуманитарна ситуација која брзо се влошува на територијата разурната од конфликтот.
Советот ги повика сите страни да соработуваат со новата координаторка на ОН за Газа, Сигрид Каг, која се обидува да ја забрза испораката на помош за стотици илјади луѓе на кои очајно им е потребна храна, вода, лекови и друга помош.
Таа оцени и дека УНРВА е од клучно значење за помошта на палестинските бегалци.