Повеќе од 120.000 луѓе се моментално раселени во Мјанмар поради зголемениот конфликт меѓу војската и етнички вооружени групи во Мјанмар, се наведува во извештајот на ОН.

Борбите се интензивирани во државите Качин, Каин, северниот дел на Шан, Чин и Каја, што доведе до внатрешно раселување на вкупно 120.900 лица од февруари, кога војската ја собори избраната влада и ја презеде власта, се вели во извештајот на УНХЦР.

Најмалку 85.900 лица се раселени во југоисточниот дел на Мјанмар, 15.000 во северниот дел на Шан и уште 20.000 во државите Качин и Чин, пишува во извештајот.

Илјадници луѓе имаат потреба од хуманитарна помош. Во документот се наведува дека „набавките кои итно им се потребни на погоденото население, вклучуваат основни лекови, комплети за прва помош, засолништа, непрехранбени производи, прехранбени и хигиенски и санитарни средства“.

Најмалку 75 лица се водат како исчезнати во Мјанмар по пучот на 1 февруари, според локална група за набудување.

Групата тврди дека воената хунта „не сторила ништо за да ги објасни исчезнувањата на тие лица“ и „го загрозува граѓанското општество и ги угнетува цивилите кои го покренаа тоа прашање“.

Досега воената хунта на Мјанмар убила 833 лица од преземањето на власта во февруари, а околу 4.350 досега се уапсени, соопшти Здружението за помош на политички затвореници ( AAPP).

Продемократски протести започнаа во Мјанмар кога војската ја собори избраната влада на Аунг Сан Су Чи.

Демонстрантите продолжуваат да се спротивставуваат на хунтата и покрај репресиите врз цивилите низ целата земја