Производство на храна во Северна Кореја во 2018 година е на најниско ниво во изминатата деценија, оставајќи милиони без доволно за јадење, соопшти ОН.

Околу 11 милиони луѓе во земјата – речиси 44% – се недоволно ухранети, се нагласува во извештај на ОН за потребите и приоритетите на Северна Кореја во 2019 година.

„Производството на храна е намалено за повеќе од 9 отсто од 5.45 милиони метрички тони во 2017 година на 4,95 милиони метрички тони минатата година, делумно поради „недостиг на обработливо земјиште, немање пристап до современа земјоделска опрема и ѓубрива и природни катастрофи”, се вели во извештајот.

Нагласувајќи ја „мрачната” ситуација за милиони Севернокорејци, ОН повикаа за помош во вредност од 120 милиони долари за да биде испратена во земјата.

„Цела генерација деца се соочени со недостиг од храна”, изјави Тапан Мишра, координатор на ОН во Северна Кореја, додавајќи дека ОН минатата година не можеа да стигнат до стотици илјади луѓе за помош.

„Околу 1,4 милиони луѓе не добија помош во храна, 800.000 луѓе не беа во можност да пристапат до основните здравствени услуги. Околу 190.000 деца од градинка и 85.000 акутно неухранети деца не добиваат нутритивна поддршка што им е потребна”, вели тој во извештајот.