Северна Кореја во текот на 2020 година продолжи да ги одржува и развива нуклеарната и балистичката програма, со што ги кршеше меѓународните санкции, се наведува во извештајот од независните контролори на санкциите.

Во извештајот доставен до Советот за безбедност на Обединети нации се посочува дека Северна Кореја произведувала нуклеарен материјал, ги одржувала нуклеарните објекти и ја надградила својата балистичка и ракетна инфраструктура, како и дека обезбедувала материјали и технологија од странство.

Северна Кореја од 2006 година е под санкции на ОН. Во јули минатата година повеќе од 40 држави го обвинија Пјонгјанг дека повеќе пати не ги почитуваал санкциите на ОН за увоз на рафинирана нафта и го надминал дозволеното годишно ниво од 500.000 барели.

Додека во 2019 година е утврдено оти Северна Кореја извезла јаглен за најмалку 370 милиони долари, а од јули минатата година е запрен извозот.

Извештајот на Севернокорејскиот одбор за санкции на СБ на ОН доаѓа само неколку недели по стапувањето на должност на американскиот претседател Џо Бајден, кој најави нов пристап во билатералните односи Вашингтон-Пјонгјанг.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и поранешниот американски претседател Доналд Трамп трипати се сретнаа во 2018 и во 2019 година, но не успеаја да постигнат напредок во барањата Северна Кореја да се откаже од нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите.