Бројот на бегалци кои бегаат од војната во Украина наскоро би можел да се зголеми на над 1,5 милиони лица, соопшти агенцијата за бегалци на ОН УНХЦР, додавајќи дека тоа е најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна.
-Ова е најбрзо растечката бегалска криза што сме ја виделе во Европа од крајот на Втората светска војна, изјави директорот на УНХЦР.
Британските медиуми пренесуваат дека приближно 1,3 милиони луѓе веќе ги напуштиле своите домови од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Според полскиот претседател, Анджеј Дуда, неговата земја досега примила половина од вкупниот број бегалци.
Бројот на бегалци е висок и во Унгарија и Романија.
Но, не секој одлучува да остане во земјите во кои првпат ќе пристигне од Украина. На пример, 140.000 лица, кои пристигнале во Романија, во текот на првите осум дена од војната отпатувале за други земји, а во земјата останале околу 60.000, наведе УНХЦР.
Од тие причини, земјите кои граничат со Украина служат како прва станица за многумина кои бегаат од војната и додека патуваат за подалечните европски земји.
Германскиот експерт за миграција Џералд Кнаус процени дека Европа може да очекува прилив од 10 милиони украински бегалци.