Популарната ТВ серија ,,Game of Тhrones‘‘, како да станува модел во функционирањето на Европска Унија. Веќе е извесно дека фамозниот нон-пејпер за проширувањето ќе биде познат наскоро на јавноста, но неговите контури или модалитети за проширувањето на Унијата со нови членки веќе се познати, пишува Курир во својата анализа. Тој би содржел начини и модели за ЕУ со две брзини, или нови членки без право на вето, се со цел да и се овозможи на Украина брз прием без исполнување на копенхашките критериуми.
Тоа што предизвикува нервоза кај поедини земји членки на Унијата, освен неисполнети критериуми за членство е планот за одвојување на Украина, како фронтранер или единствена стратешка цел за прием. А сето тоа на штета на земјите кандидати за членство кои чекаат со децении, вклучително и Македонија. Ако до скоро една од опциите беше неквалификуваната Украина да ги повлече сите земји од Западен Балкан во ЕУ и така да се заокружи идејата за обединета Европа, последните чекори на дел од земјите членки и на Киев навистина наликуваат на дејствија од популарната серија.
За таа цел се таргетирани изборите во Унгарија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан кој води тесна битка за нова изборна победа и нов мандат излезе со тврдење дека Брисел и Киев ѝ објавиле војна на Унгарија, заради нејзиното противење на членството на Украина во ЕУ.
Тој тврди дека „план од пет точки“ има за цел забрзано приближување на Украина кон членство во ЕУ, со што се игнорира волјата на унгарскиот народ и на официјална Будимпешта како полноправна членка на ЕУ.
Орбан предупредува дека активно се работи на доаѓање на власт на други политички сили во Унгарија, кои нема да пружаат ниту отпор, ниту вето за приемот на Украина во ЕУ.
Тоа што дополнително загрижува е што се одредени и датум и модел, односно 2027 година кога Украина би станала членка на ЕУ, по моделот на „обратно проширување“, односно прво членство па потоа исполнување критериуми, како што заговараат одредени бриселски дипломатски кругови.
Тоа значи дека официјален Киев и во услови на војна би ги заобиколил сите фази од пристапниот процес низ кој поминуваат земјите кандидати за членство, вклучително и Македонија. Правата и обврските би оделе паралелно со новиот модел, кој ги нарушува темелните принципи на ЕУ.
Дури и самиот Володимир Зеленски бара прецизен датум, односно 2027 година за членство на Украина во Унијата, правдајќи го тоа како единствена безбедносна гаранција за цела Европа. За таа цел планира да спроведе и избори, дури и во услови на војна.
Но, меѓу овие планови и реалноста стои консенсусот од сите земји членки на ЕУ, вклучително и Унгарија. Затоа Орбан и неговата политика се на удар на Брисел и на Киев.
Познато е дека унгарскиот премиер еднаш попушти кога се одлучуваше за кандидатскиот статус на Украина и беше испратен на ,,кафе пауза‘‘. Но, овој пат тоа не поминува. Орбан е цврсто решен за Украина да важат истите правила како за сите, или исти правила за сите, ако важат за Украина.
Јасно е дека промена на моделот на гласање за проширувањето од консенсус, во квалификувано мнозинство нема поддршка кај помалите земји членки, како Хрватска, Унгарија, па и кај Бугарија како единствен нејзин инструмент да и диктира свои уцени на Македонија. Но, евентуалниот модел за земјите кандидати за ограничено членство во Унијата, без право на вето или одлучување за важни прашања за период до полноправното членство е идејата во која се положува најмногу надеж, иако и за неа е потребен консенсус.
Затоа намерата на поголемите членки за издвојување на случајот со Украина над сите други кандидати ја прави опасна играта на Брисел, во моменти кога евроскептицизмот, противењето на политиките на Брисел, барањето поголема автономија во одлучувањето ја прават Унијата ранлива.
П.С. Дали максималистичките барања за привилегии за Украина можат да доведат до решенија прифатливи за сите, па и за земјите од Западен Балкан, останува на умешноста за трговијата на бриселските дипломати. Можеби трговскиот термин ,,да се најдеме на средина‘‘ може да значи win-win ситуација за сите и за членките на Унијата и за земјите кандидати, вклучително и Македонија. Другата опција е загуба, загуба за сите.
Извор: Курир




