Летово сме сведоци на катастрофални шумски пожари во Македонија, во регионот и низ целиот свет. Цифрите на опустошени хектари шуми и земјиште се зголемуваат од ден на ден, а некои држави бележат и зголемен број на човечки жртви.
Македонските противпожарни служби поради недостаток од современа опрема за гасење на теренски пожари мораше да бидат помогнати од соседите и од пријателските држави од Европа. Но, проблемот не застанува тука бидејќи сме сведоци и на пожари во урбаните средини на Македонија.
По пожарот во ОХИС, ноќеска изгоре горниот спрат на катната гаража „26 јули“ во центарот на Скопје. Причина за брзото проширување на пожарот во медиумите беше наведена нефункционална хидрантска мрежа во објектот, а пред 7 месеци трговскиот центар Глобал во Струмица речиси сосема изгоре. Според известувањата на медиумите тогаш, и таму хидрантите не работеле.
Врз основа на Законот за заштита и спасување донесени се неколку правилници со кои се регулира поставувањето и одржувањето на противпожарни уреди и хидранти. Според тие правилници внатрешната хидрантска мрежа во станбените и јавните објекти треба постојано да биде под притисок на водата, без оглед на изворот од кој се снабдува, така што и на највисокиот кат од објектот, на млазникот треба да има најнизок притисок од 2,5 бари.
Растојанието на хидрантите се определува така што целокупниот простор што се штити е возможно да се покрие со млаз вода во случај на пожар. Хидрантите се сместуваат во премини, скалишни простории и патишта за евакуација, во непосредна близина на влезните врати на просториите што можат да бидат загрозени од пожар, со услов да не ја попречуваат евакуацијата.
Функционалноста на хидрантската мрежа како и сите други уреди за заштита од пожари треба да се контролира најмалку еднаш годишно според Правилникот за техничките нормативи за хидрантска мрежа за гасење на пожари. Во реалноста сликата е поинаква.
Единствено во поновите станбени објекти може да се видат неоштетени и функционални хидранти. Во повеќето згради во Скопје речиси секаде недостасуваат пожарникарските црева и вентилите за пуштање на водата.
Неретко, кутиите од апаратите за гасење пожар се полни со ѓубре и наликуваат на отпадни канти. Ова претставува голем проблем за пожарникарите бидејќи доколку хидрантите работат, некој од станарите би можел барем да го запре ширењето на пожарот додека пристигнат противпожарните служби.
Одговорноста за овој проблем ја имаат самите граѓани кои ги оштетуваат уредите за прва помош при пожари, станбените заедници кои се одговорни за одржување на мрежата, но и надлежните институции задолжени за безбедноста на граѓаните.
Марко Петревски