Опасноста од закани од терористички напад во Белгија ќе остане на третото на ниво најмалку до крајот на летото, соопшти директорот на белгиската Координативна единица за анализа на закани (ОЦАД), Герт Веркаутерен.
– Тоа значи дека Белгија се соочува со сериозна закана. Таквата состојба не се очекува да се промени пред крајот на летото, изјави Веркаутерен.
Третото нивото на закана од напади во земјата беше воведено во октомври минатата година, кога азилант, кој тврдеше дека е припадник кон терористичката група Исламска држава, со истрели од огнено оружје усмрти двајца шведски навивачи во Брисел, во пресрет на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Белгија и Шведска.
Според Веркаутерен, нивото на закана се уште не е намалено ни по осум месеци и таквата состојба нема да се промени пред крајот на летото.
– За одредување на нивото на закана анализираме неколку фактори – бројот на пријави, нивната сериозност и бројот на досиеја за тероризам кои ги третираат судството, полицијата и разузнавачките служби, но исто така и предизвикувачките настани, изјави Веркаутерен за белгискиот јавен радиодифузен сервис што емитува програма на холандски јазик ВРТ.
Предизвикувачки настан е случување што има емоционално влијание и може да предизвика реакција. Како таков настан се третира конфликтот во Газа.
ОЦАД, владино тело задолжено за координација на проценките за закани, во октомври и ноември регистрирало 40-тина потенцијални закани поврзани со конфликтот во Газа, како и ист толкав број помали инциденти, најчесто поврзани со антисемитистички испади.
– И денес значителен дел од заканите се поврзани со ситуацијата на Блискиот Исток. Тоа е и главната причина зошто останува третото ниво. И без нападот во Брисел во октомври, можноста од закани ќе се качеше на трето нивото, истакна Веркаутерн, кој наведува дека надлежните органи внимателно ја следат безбедносната состојба во земјата.
Третото ниво означува дека постои сериозна закана за напад, поради што постои зголемена будност меѓу полицијата и безбедносните служби и не е исклучено на некои собири и настани каде присуствуваат повеќе лица во текот на ова лето да има и дополнителни проверки. Повисоко од него е четвртото ниво кое претставува многу сериозна закана за напад.
Во годишниот извештај на ОЦАД за потенцијалните закани по белгиското општество за 2023 година се посочува дека биле регистрирани 332 извештаи за можен тероризам или екстремизам, што претставува зголемување од 41 отсто во споредба со 2022 година.
Во извештајот се додава и дека станува се потешко да се утврдат точните мотиви за заканите, бидејќи во четири од 10 случаи тешко е прецизно да се одреди идеологијата која стои зад потенцијалната закана, што е причина за загриженост.
– Мотивите на сторителите стануваат се понејасни и поразновидни. Дали и кога некој ќе преземе акција, таа секогаш е резултат на индивидуален процес, при што своја улога имаат и идеологијата, пропагандата и ефектот на копирање. Сторителите не секогаш се поврзани со терористичка група, се забележува во извештајот на ОЦАД.
Како мотив за напад можат да се јават и лични состојби, како психолошки прашања или одредени симболични настани за сторителот, кои можат да дејствуваат како катализатори за да го поттикнат да го изврши делото.
Од заканите базирани на идеолошка основа, како најбројни се оние поврзани со исламистичките кругови на кои отпаѓаат над 40 проценти од извештаите за можни закани во Белгија. Натаму следуваат заканите поврзани со политичката опозиција во странство на кои отпаѓаат седум отсто од извештаите, пред оние од десничарски екстремисти со пет проценти, чувството на револт против естаблишментот со три и заканите од левичарски екстремисти со еден отсто.