За новоизградените станови останува повластената стапка на ДДВ од пет проценти. Денеска предлог измените на законот за изменување на Законот за додадена вредност влегоа во собраниска процедура и добија поддршка на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Со Предлог на Закон за изменување на Законот за данокот на додадена вредност се врши пролонгирање на рокот и тоа до 31 декември 2023 година, за примената на повластена даночна стапка од пет отсто на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Основна причина за измената на Законот за данокот на додадена вредност е да се излезе во пресрет на граѓаните, за поддршка за градежниот сектор, како и другите стопански гранки директно поврзани со градежништвото. Oва ќе има директно позитивно влијание врз домашната економија.
Поддршка на измените дадоа и членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги поздравија измените и оценија дека тие се од корист и на граѓаните и на стопанството.
– Законот не остава ни минимален простор за неприфаќање. Периодот до 2023 година е задоволителен, а неговата цел е навистина во функција и на граѓаните и на стопанството, истакна Мицевски.
И неговиот сопартиец Драган Цуклев истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи измените.
– Законот беше донесен во 2011 година од претходната влада во рамки на проширувањето на опфатот со повластена стапка на ДДВ, рече Цуклев.
Додавајќи дека тоа беше добро што доведе до зголемување на градежната активност и можност младите да го решат станбеното прашање. Тој порача Владата да поработи на поголема понуда на станбени единици, имајќи ги предвид податоците дека се издаваат се помалку одобренија за градба.