Изјавите на турскиот претседател за прекин на дијалогот со премиерот на Грција се целосно неприфатливи и се за осуда, соопштуваат од грчката опозициска партија СИРИЗА за изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека за него Мицотакис повеќе не постои, јави дописничката на МИА од Атина.
Од СИРИЗА велат дека очекуваат реакција од сојузниците и партнерите, која не може повторно да се заснова на еднакви растојанија и зборови без резултат, туку на конкретни заложби за суверенитетот и суверените права на Грција.
За изјавата на турскиот претседател, вчера реагираше и портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому кој рече дека нивната политика е политика на принципи и додаде дека нема да влезат во конфронтација на изјави со власта во Турција.