Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел од Бледскиот стратешки форум испрати порака дека до 2030 година Европската унија мора да биде подготвена за ново проширување. Ваквата порака од страна на македонската Влада е оценета како можност што треба да се искористи и со заедништво да се завршат задачите што ни престојат.
Ист форум, за истата порака, два различни става за проширувањето од две земји кандидатки за ЕУ. Македонскиот премиер е оптимист и верува дека до 2030 година Македонија може да стане членка на ЕУ, но сосема спротивно мислење има неговиот албански колега Еди Рама, кој вели дека не верува дека до 2030 година ќе бидеме во ЕУ:
– Не верувам дека во 2030 година ќе бидеме во ЕУ. Земјите кои влегуваат на патот на ЕУ до моментот кога ќе станат членки, не само што треба да имаат реформи и критики, кои се неопходни, туку да имаат и поддршка. Не велам од финансиска гледна точка, туку и од нашиот пристап до заедничкиот пазар за нашите претпријатија, рече Рама.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека ЕУ „можеби“ треба да еволуира кон унија со „повеќе брзини“ додека размислува за интегрирање на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан.
Тој рече дека ЕУ треба да се реформира ако сака да интегрира нови нации и мора да изгради консензус со повеќе од 30 земји-членки.
– Ризик е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа и е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 членови, нема да биде полесно, рече Макрон на средбата со амбасадорите во Елисејската палата во Париз.
Според премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, исто така учествуваа на Бледскиот стратешки форум, треба да дадеме се од себе за да ја оствариме оваа цел.
-Уверен сум дека С. Македонија покажа оти може да носи тешки и храбри одлуки и по секоја од нив излеговме како посилна земја. Од старите земји кандидатки, сме најдобри во многу аспекти во смисла на имлементирањето на европското законодавство, микро финансиската стабилност што е докажано од ЕУ и инструментите на ЕУ. Затоа велам дека 2030 е остварлива како цел, рече Ковачевски на панелот на кој учествуваа и останатите премиери од Западен Балкан.
Во изјава за МИА, Ковачевски рече дека останува на пратениците во текот на овој процес да се убедат во исправноста на давањето на глас за Европа.
– Во однос на самиот процес беше јасно кажано дека критериумите за пристапување се тие кои што практично и се наведени во нашата преговарачка рамка, дека реформскиот процес е она од што зависи самиот процес на пристапување и дека за нас како земја кандидат за членство остануваат оние обврски кои што ги имаме, а ЕУ исто така да ги исполни своите обврски, рече Ковачевски.
Скрининг извештаите за првиот кластер, како што посочи, веќе се готови и во моментот „се карбонизираат меѓу вицепремиерот за европски прашања и неговиот тим со Европската комисија“, а следуваат и извештаите за другите кластери.
-Откако тој процес ќе заврши, следно е отворањето на кластерите, поглавјата и преговори по однос на истите. Тоа е еден процес во кој што практично ние ќе станеме подобри, процес во кој ќе направиме понатамошно реформирање на нашето закоnoдавство, усогласување со ЕУ, меѓутоа уште поважно реформирање на инстутициите, начинот на имплементација на законите и нивното спроведување и секако тоа ќе значи и поголем економски поттик, ќе значи пристап до повеќе европски фондови и ќе значи зголемување на европскиот потенцијал на државата, вели премиерот во изјавата за МИА.
На Македонија, како што посочи, во овој момент и треба интеграција, а не изолација.
И според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, од нас самите зависи следниот чекор. Чекањето, вели Маричиќ, не треба да е стратегијата што ја бираме.
– Не станува збор само за државнички процес, или пак само за стратешка цел. Се работи за иднината на нашите деца и за успехот на државата. ЕУ испорача временска рамка и дава извесна европска перспектива на регионот за евроинтеграција, затоа чекањето не треба да е стратегијата што ја бираме. Наша обврска е да го искористиме моментот и со заедништво да ги завршиме задачите, со посебен фокус на реформите, да побрзаме 2030 С. Македонија да е држава членка на ЕУ, напиша Маричиќ на „Фејсбук“.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е убеден дека процесот за уставните измени ќе заврши успешно во наредните недели и месеци.
-Процесот е започнат. Како што гледате целиот свет, и САД и ЕУ, ја поздравија одлуката да го започнеме процесот. Убеден сум дека овој процес ќе заврши успешно во наредните недели и месеци, изјави Османи за МИА при учеството на Бледскиот стратешки форум.
Бугарскиот премиер Николај Денков, кој исто така учествуваше на Бледскиот форум, изјави дека нема причина бугарската Влада да го смени ставот кон Северна Македонија и дека очекува државава да ги исполни обврските кон Европската унија.
Прашан дали Бугарија ќе ја промени позицијата кон Македонија Денков нагласи дека нема никаква причина за тоа и оти разговорите сега се меѓу Македонија и ЕУ.
– Категорично не и нема никаква причина да ја промениме позицијата. Со реализацијата на т.н француски предлог, како резултат на кој беше укинато ветото, разговорот, всушност, повеќе не е меѓу Бугарија и С. Македонија, туку помеѓу С. Македонија и ЕУ. Тоа што се очекува е да си ги исполнат обврските пред ЕУ. Нема никаква причина да ја смениме нашата позиција, рече Денков.
Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став дека нема да дозволи уставни измени под, како што велат, бугарски диктат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите, рече дека Владата нема кредибилитет и политички легимитет и оти е логично барањето за предвремени избори.
-Имаме Влада која нема кредибилитет, а би рекол и политички легитимитет бидејќи главна нивна политика беа уставните измени под бугарски диктат, а тоа им се удира од ѕид. Поминаа 10 дена од дебатата за уставните измени, се гласаше по дневниот ред и јасно беше дека нема мнозинство за да се испорача тоа што треба, а тоа значи дека им се удира од ѕид, изјави Мицкоски.
На 18 август во Собранието стартуваше расправата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата, а гласањето беше одложено до обезбедување на потребното двотретинско мнозинство.