Во неделата имало само 38 летови во воздушниот простор на Македонија, што е 95 проценти помалку отколку во 2019 година, објави на Твитер генералниот директор на Европската организација за безбедност на воздушната навигација (Еуроконтрол), Емон Бренан.
Редовната сеопфатна проценка на Еуроконтрол за најновата состојба во авиосообраќајот во Европа покажува дека на 6 мај се реализирани 4.803 лета, што претставува пад од 84,8 проценти, споредено со истиот период лани.
Од двата аеродорма во државава, во Скопје и во Охрид, кои се затворени за патнички авиосообраќај од средината на март годинава, се реализираат само карго и хуманитарни летови за враќање на македонските граѓани во земјава. Во март годинава по затворањето на двата аеродрома во државава концесионерот ТАВ Македонија регистрираше намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани, а во април за 99 отсто.
Министерот за транспорт Горан Сугарески вчера информираше дека на состанок на Кризниот штаб го отворил прашањето за повторно отворање на аеродромите и граничните премини, но се уште нема таков предлог од Комисијата за заразни болести.
– Пред неколку дена разговарав со директорот на ТАВ, кој спомна дека треба да се има предвид оти имаат потреба од 7 до 10 дена за евентуално тестирање на аеродромот, изјави Сугарески.
Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот Ковид-19.