Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ги спореди институциите на Европската унија со советските трупи, кои ја нападнаа Унгарија за време на револуцијата во 1956 година.
Обраќајќи им се на поддржувачите по повод 66-годишнината од почетокот на унгарската револуција, Орбан сугерираше дека „ЕУ, која се обиде да го запре демократското напредување на Унгарија, ќе заврши како Советскиот Сојуз“.
„Да не се занимаваме со оние кои пукаат во Унгарија од сенка или од височините на Брисел. Тие ќе завршат таму каде што завршија нивните претходници“, рече Орбан.
Со својот говор од Залаегершег, Орбан ја прекина традицијата да држи говор во Будимпешта по повод годишнината.
Неговото отсуство од главниот град на еден од најважните национални празници во Унгарија се случува додека неговата влада е под зголемен притисок поради тековниот бран протести на унгарските наставници и студенти.
Тој говор уследи по неговата најава дека ќе одржи референдум за европските санкции против Москва, што тој продолжува да ги критикува.
Во Будимпешта и низ целата земја се поставени плакати со порака: „Санкциите од Брисел не уништуваат“.
„Војна пред нашата врата, финансиската криза и забавувањето на економијата во ЕУ, инвазијата на мигрантите од југ… мораме да се соочиме“ со многу проблеми, рече Орбан, уверувајќи дека неговата влада е „силна и обединети“, и ќе го надмине тој тест.
Од почетокот на војната во Украина, Унгарија се обидува да ги зачува добрите односи со Кремљ за да продолжи да добива нафта и гас. Тој не сака воено да и помогне на Украина и ја критикува стратегијата на Брисел.