Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека членството на Украина во ЕУ „нема да се случи“.

Според него, „Европската комисија мисли дека клучната одлука што ја одредува судбината на цела Европа може да се донесе без европскиот народ, но греши“, пренесе МТИ.

Орбан рече дека Брисел е решен да ги игнорира резултатите од анкетата „Гласање на Унгарија 2025“, но дека нема да може да ги заобиколи. Без разлика на „нивната лукавост“, би било „невозможно да се прими Украина против волјата на европскиот народ“, додаде тој.

Што се однесува до санкциите на ЕУ кон руските извозници на енергија, тој рече дека Брисел „сака да ја жртвува финансиската состојба на унгарските семејства поради Украина“.

Орбан рече дека лидерите на ЕУ не можеле да дадат причина „зошто некој нормален би направил нешто такво“. Според него, санкциите ќе доведат до тоа семејствата да мора да плаќаат 2,5 пати повеќе за струја и 3,5 пати повеќе за гас, принудувајќи ја владата „целосно да го преиспита системот за поддршка на семејствата“.

Орбан изјави дека бил изненаден од минатонеделната Парада на гордоста во Будимпешта бидејќи мислел дека тоа прашање е решено. Унгарскиот премиер рече дека Парадата на гордоста е секојдневна закана во Западна Европа и дека луѓето би биле „запрепастени“ да видат западноевропски учебници за образование за социјална чувствителност на децата. Орбан рече дека мислел дека Унгарија „се заштитила од тоа“ на референдумот во 2022 година.

Фото: МИА архива