Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека „Европската Унија нема никаква важност“ и оцени дека американскиот претседател, Доналд Трамп, „греши во врска со рускиот претседател Владимир Путин“.
Анса денеска објави дека италијанската премиерка Џорџа Мелони на средбата со Орбан во Рим, се обидела да посредува меѓу унгарскиот премиер и другите европски лидери во врска со ветото на Унгарија врз клучните одлуки на ЕУ за Украина.
Пред средбата со Мелони, Орбан изјави дека „Европа нема улога во решавањето на војната“ и дека „иднината на европската економија е сериозно загрозена“.
Тој повтори дека се надева на можна средба меѓу Трамп и Путин во Будимпешта, „иако засега тоа останува само можност“.
За време на престојот во Рим, Орбан се сретна и со папата Лав во Ватикан, а планирана е и средба со лидерот на Лига и италијански министер за транспорт Матео Салвини.
Според соопштението од кабинетот на италијанската премиерка средбата се одржала во „срдечна и неформална атмосфера“, а Мелони го повторила ставот на Италија дека се залага за итен прекин на огнот во Украина и почеток на дипломатски преговори.
Како што објави римски „Масаџеро“, италијанската премиерка му повторила на Орбан дека Италија нема да се повлече од европските рестриктивни мерки против руската економија, ниту пак ќе се дистанцира од американската забрана за руска нафта.
Покрај прашањето за Украина, премиерите разговарале и за заеднички инвестиции во одбранбениот сектор и „иновативни решенија“ за управување со миграциските текови, вклучително и можноста за центри за репатријација во трети земји.
Италија и Унгарија се подготвени да презентираат заеднички проект за безбедни кредити, пренесе „Масаџеро“.
Опозициските партии во Италија остро реагираа на изјавите на Орбан за ЕУ и ја повикаа Мелони јасно да се дистанцира од унгарскиот премиер.
Орбан, исто така, ги сфаќа санкциите на САД „многу сериозно“. Тој за „Масаџеро“ изјави дека во следните неколку дена ќе отпатува за Вашингтон за да го убеди Трамп да ги укине енергетските санкции кои „чинат многу“ за Унгарија, која е зависна од снабдувањето со руски гас и нафта.
фото: ЕПА




