Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Европската комисија за „легализирано хулиганство“ откако таа поведе постапка против неговата влада за, како што се истакнува, дискриминација на ЛГБТ лицата.
ЕК поведе постапка против Унгарија поради законот со кој се забранува промовирање на хомсексуалноста меѓу малолетниците и промената на полот, штоспоред Орбан е закон со кој се штитат правата на децата.
„Ова е легализирано хулиганство. Позицијата на Европската комисија е срамна“, изјави Орбан за државното радио.
Тој рече дека дебатата им овозможи на Унгарците увид во „европскиот живот“ и наставата на германски училишта. Тој повтори дека Унгарија нема да дозволи ЛГБТ активисти да „маршираат“ низ училиштата за да промовираат, како што рекол тој, сексуална пропаганда.
ЕК иницирала постапка и против Полска затоа што некои општини се прогласија за зони ослободени од ЛГБТ идеологијата. Тоа е последен во низата конфликти меѓу Брисел и некои источни членки за низа прашања, како што се владеењето на правото, миграцијата и медиумските слободи.
Орбан, кој е на власт од 2010 година, вели дека ЕУ се обидува да и наметне начин на воспитување деца на Унгарија.
Во текот на последните две недели, огромни сини билборди беа поставени низ целата земја со пароли како: „Дали сте иритиран од Брисел“ и „Дали се плашите дека вашите деца ќе бидат изложени на сексуална пропаганда“.
Орбан, исто така, во петокот посочи дека ќе има конфликт околу планот за закрепнување на Унгарија, кој сè уште трае. Унгарија на крајот ќе добие зелено светло на Комисијата, предвидува Орбан.