Новата стратегија за национална безбедност на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп покажува дека САД сметаат дека европската цивилизација е во опаѓање и распаѓање, коментира денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа „Икс“.
Во обемниот стратешки документ, објавен минатата недела, администрацијата на Трамп наведува дека може да го преиспита односот со Европа и дека континентот е соочен со „цивилизациско исчезнување“, поради што треба да го смени курсот.
Документот предизвика силни реакции во Европа, но Орбан – долгогодишен сојузник на Трамп – го оцени како „најважниот и најинтересниот документ во последните години“.
Унгарскиот премиер изјави дека документот укажува на тоа дека Вашингтон сфатил дека Европа се наоѓа во „економски ќорсокак“. „Слаб сојузник не може да се одбрани и не може да се потпре на него ниту во меѓународните односи. Тие ја гледаат цивилизациската криза на Европа. Тие гледаат дека цивилизациските вредности на Европа, демократијата и слободниот пазар се во опасност.
Орбан додаде дека американската администрација смета дека Европа треба „на стратешко ниво“ да ги обнови односите со Русија.
„Тие, исто така, гледаат дека европските либерали ја запалија мрежата на односи што некогаш постоеше со Русија, што беше грешка. Според американските носители на одлуки, односот на Европа со Русија треба да се обнови на стратешко ниво“, додаде Орбан.
Тој од почетокот на конфликтот во Украина одржува блиски врски со Москва и често ги критикува санкциите на ЕУ против Русија
„Америка има прецизна претстава за пропаѓањето на Европа. Тие го гледаат како цивилизациски процес против кој ние во Унгарија се бориме веќе 15 години. Конечно, нема да се бориме сами“, изјави Орбан.
Минатиот месец САД ја одложија за една година примената на санкциите за Унгарија поврзани со користењето руска нафта и гас, откако Орбан ги изнесе своите аргументи за одложување на средбата со Трамп во Белата куќа, која поминала во „срдачна атмосфера“.
фото: архива




