Унгарскиот премиер, Виктор Орбан изјави дека ќе ги поддржи сите санкции на ЕУ против Русија и нема да блокира ниту една.

Говорејќи на границата меѓу Украина и Унгарија, тој рече дека ги поддржува мировните напори. „Унгарија јасно стави до знаење дека ги поддржуваме сите санкции, така што нема да блокираме ништо, така што она што можат да го договорат премиерите на Европската унија, ние го прифаќаме и го поддржуваме“, изјави тој за новинарите на англиски јазик, според Ројтерс.

Претходно во саботата тој рече дека се согласува Русија да биде блокирана од прекуграничниот систем за плаќање Свифт. Орбан претходно се сметаше за најблизок сојузник на Владимир Путин меѓу лидерите на земјите-членки на Европската унија.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки пред средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека сите санкции треба да бидат ставени на дискусија,

„Дојдов во Берлин да ја потресам совеста на Германија, за тие конечно да одлучат за навистина остри санкции кои ќе влијаат на одлуките на Кремљ“, рече Моравјецки додека се водеа борби во предградието на украинскиот главен град Киев.

„Треба да ги затвориме „Северен тек 1 и 2“, треба да ја намалиме зависноста од суровините, да ги отсечеме руските финансиски институции од пазарите на капитал, да ги конфискуваме имотите на олигарсите, да го затвориме Свифт за Русија… сите опции треба да бидат на маса“.