Враќањето на европската соработка ќе бара натчовечки напори во ерата по Меркел, објави унгарскиот премиер Виктор Орбано на неговата официјална страница.
Орбан го поздрави заминувањето од политичката сцена на германската канцеларка Ангела Меркел со осврт за нејзиното 16 годишно владеење, како и за новата ера на Германија и европската политика по нејзиното заминување.
– Ние ја разбиравме неа и таа нè разбираше нас, пишува Орбан, истакнувајќи дека ова меѓусебно разбирање настанало затоа што Меркел живеела во комунистичка Источна Германија.
Орбан во освртот потсетува дека со Меркел заедно работеле за надминување на финансиската криза во 2010 година и зачувување на ЕУ, но дека во 2015 година, поради мигрантската криза, дошло до раздор во меѓусебните односи.
– Мигрантската криза беше тест сама по себе. Таа стана Рубикон бидејќи откри длабоки филозофски, политички и емоционални разлики меѓу нас и нашето разбирање за нациите, слободата и улогата на Германија, пишува Орбан.
Осврнувајќи се на миграцијата и миграциската криза, Орбан вели дека за Унгарија и за другите централноевропски земји, татковината е најважна работа, додека Германија е на друг пат на европската цивилизација кон еден вид постхристијанска и постнационална држава.
Орбан наведува дека Германците, за разлика од Унгарците не гледале проблем во тоа. Тие не ја сметаат за цивилизациска болест која треба да се излечи, туку за природен, посакуван, па дури и морално супериорен исход.
Орбан додаде дека европското единство почна да се распаѓа и дека тоа не може да се запре.
– Враќањето на европската соработка ќе бара натчовечки напори во ерата по Меркел, пишува Орбан.
Новата германска влада на социјалдемократите, либералите и зелените, која Орбан ја карактеризира како левичарска, „се залага за Европа да има миграциска, родова, федералистичка и германска агенда“.
– Едно е сигурно. Ерата на двосмисленост, прикриена политика и лебдење е завршена со Меркел. Влегувајќи во новата ера, ги симнуваме ракавиците. Сега се подготвуваме за битка со ширум отворени очи, напиша Орбан.
(Извор: Инфомакс)