Термоелектрана во близина на Киев е оштетена во руски напад со дронови, соопштија денеска украинските власти, пренесува ДПА.

„Непријателот добро знае дека ја таргетира цивилната инфраструктура“, соопшти украинското Министерство за енергетика на Телеграм, без да ја открие точната локација на електраната.

Русија, која во февруари 2022 година започна целосна инвазија врз Украина, постојано тврди дека ги гаѓа само воените објекти. Сепак, стотици цивили загинаа во воздушните напади врз украинските градови кои речиси секојдневно се под оган, додека енергетската инфраструктура на земјата претрпува огромни штети, особено во зимските месеци.

Според објави на украински воени набљудувачи на Телеграм, нападот бил насочен кон термоелектраната „Трипилска“ на бреговите на реката Днепар, јужно од Киев.

Објектот и претходно беше нападнат неколку пати и оштетуван. Во подоцнежно ажурирање, Министерството за енергетика соопшти дека снабдувањето со електрична енергија е стабилизирано по нападот.

Во меѓувреме, двајца цивили загинаа во село во близина на Краматорск, во источна Украина, во најновите руски ноќни напади, информираа локалните обвинители.

Русија синоќа ја нападнала Украина со 142 дрона, од кои 112 биле пресретнати, соопшти украинското Воено воздухопловство.

Ова се случува еден ден откако руските сили изведоа најмасовен дронски напад досега во текот на војната, користејќи повеќе од 800 дронови и оштетувајќи ја главната владина зграда во Киев по првпат.