Очекувам многу бргу да се формираат институциите со претставниците на двете поголеми заедници во државата, вели вицепремиерот за европски прашања и генерален секретар на ДУИ Бујар Османи.
Ние, истакна Османи во гостување во вестите на ТВ Сител, јасно кажавме дека треба да има еден влезен билет за да може да разговараме со политичките партии за владина коалиција за другите прашања како што е прашањето на премиерот и поделба на одговорности.
– Влезниот билет е јавното потврдување на поддршка за трите договора, бидејќи ДУИ се смета како чувар на трите договора: Преспанскиот, за добрососедски односи со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Би разговарале за поделба на одговорности само со тие партии коишто би ги прифатиле трите договора, рече Османи во гостувањето на вестите во Сител телевизија.
Во коментар на објавените информации за ротации на премиерскиот мандат, Османи рече тие во нивната партија се уште не разговарале за да имаат некаков став околу ова прашање.
– Прашањето на ротации кое што се покренува од аналитичарите веројатно го покренувале искуствата во светот како Израел и други влади. Ние за тоа прашање не сме разговарале во нашата во партијата за да имаме став. Ниту во нашата партија, ниту со други партии. Затоа, повеќе ги гледам како аналитички пристап на различни варијанти на една идеја во зависност од искуствата кои што ги има светот, рече тој.
Во однос на тоа каде се гледа ДУИ, Османи изјави дека дека резултатите се јасни и оти нивната партија е апсолутен победник кај албанското гласачко тело, а со тоа Албанците, како што рече, и дадоа легимитет на оваа партија да разговара со македонска политичка партија за составување на влада.
– Непишано правило е кај нас владата да ја соочинуваат двете претставници на двете поголеми заедници, со цел институционално да се канализира етничката енергија. Тоа го научивме од искуството и се покажа како најдоброто решение за политичката стабилност во оваа држава, бидејќи доколку не ја канализирате етничката енергија на институционален пат, тогаш ни се случува злоупотреба на таа енергија од различни трети страна. Резултатите се јасни. Јас очекувам многу бргу да се формираат институциите со претставниците на двете поголеми заедници во државата, посочи Османи.
На прашање за поканата што ја доби претседателот на ДУИ Али Ахмети од Меѓународниот суд во Хаг, Османи изјави дека Ахемети е повикан во својство на сведок како еден од основачите на ОВК и оти ја прифатил поканата.