Можноста што ја нуди јунскиот или јулскиот самит е шанса која не смее да се пропушти заради тоа што следните самити се покомплексни и поограничени во можноста да нудат перспектива за почеток на преговори. Затоа е и оваа дипломатска акција да се мобилизира целокупниот потенцијал на поддршка која што ќе треба да го подигне вниманието на целата европска јавност за важноста на моментот дека кредибилитетот на процесот на проширување е ставен на тест и тоа токму на случајот со досието на С. Македонија, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.
-Имајќи го предвид искуството од минатото не можам да прејудицирам каков ќе биде исходот во јуни. Понекогаш се добива чувство и на подвижна мета, затоа што како исполнуваме одреден критериум се појавува ново прашање кое што не успорува во процесот. И затоа не можам да кажам со 100 процентна сигурност дека ќе биде во јуни. Но, имајќи ги овие прозорци на можност, јунскиот или јулскиот, ноемвриско-декемврискиот и следниот мартовски идната година, некако по многу аспекти овој ми изгледа со поголеми можности кои што за жал се искомплицира сега со непредвидливоста на случувањата во Република Бугарија, рече Османи во гостување на емисијата Објектив на Националниот сервис.
Сепак, додава Османи, локалните избори кои кај нас треба да се одржат во октомври и претседателските избори во ноември во Бугарија го стеснуваат тој прозорец и тоа повторно вели, водејќи се од искуството дека изборите не помагаат во решавање на ваквите прашања.
-За жал, изборите во земјите членки и во земјите кандидати се покажа дека го попречуваат процесот на евроинтеграции иако тоа не мора да биде така, туку тој процес треба да се темели на строги критериуми кои не треба да варираат од дневно-политичките расположенија во едната или во другата држава. Меѓутоа, имајќи ги предвид овие случувања сметам дека треба да ги направиме сите напори да имаме успех во јуни и јули и затоа целата инвестиција ја ставам на овие самити односно целата енергија за поддршката за јунско-јулските самити без при тоа да давам лажни очекувања на граѓаните, рече министерот Османи.
Според него, изјавата на еврокомесарот Оливер Вархеји дадена во Скопје дека земјава прво треба да го реши спорот со Софија за да почне преговори не е ништо ново оти познато е дка одлуките за проширување во Советот на ЕУ се носат со консензус од сите 27 земји членки вклучувајќи ја и Бугарија. Смета дека не треба да се откажеме од обидите да најдеме решение со Софија и во ситуација на техничка влада, оти во јуни очекуваме почеток на преговорите, вели, а не и членство.
-До членството сме пресметале дека има во просек 150-200 одлуки кои се носат со консензус што значи дека секоја земја членка има 200 пати можност да го стопира процесот доколку смета дека не е задоволна од тоа како кандидатот се однесува. Имајќи предвид дека со новата технологија се даде повеќе политичка тежина на земјите членки отколку на ЕК во водење на процесот и се воведе можност за враќање на процесот тоа значи дека земјите членки го контролираат процесот со многу механизми, укажа Османи.
Во контекст на австриската понуда за посредување меѓу Скопје и Софија, тој смета деке е добредојдена секоја добронамерна помош, а е задоволен и како што вели, од зголемениот ангажман на новата американска администрација особено во регионот. Смета дека Вашингтон може да помогне и ќе помогне во надминување на прашањето со Софија.
За можноста да дојде до одвојување на Албанија и Македонија во процесот на интеграциите ако не дојде до надминување на спорот со источниот сосед, Османи вели дека прашањето погрешно се поставува бидејќи секоја земја кандидат се оценува според сопствените заслуги и ниту една држава не смее да биде во заложништво на досието на друга држава.
-Како што во октомври лани дебатата беше дали С. Македонија да ги почне преговорите, а Албанија да остане и тогаш беше ставот на државата дека ова е процес заснован на принципот на регата што значи дека бродовите се движат со динамиката што сами ќе ја наметнат во нивниот реформски процес.Но, не е прашање дали Албанија треба да ги почне преговорите, туку дали С. Македонија смее да не ги почне преговорите во услови кога ги има исполнето сите критериуми за членство и кога е станата лакмус тест на европскиот кредибилитет во кој се свртени очите на граѓаните на Косово, на Србија, на Босна и на Црна Гора, бидејќи нашата приказна ќе им даде уверување колку треба да веруваат и да вложат во оваа перспектива. Одлуката се носи со консензус и доколку Република Бугарија продолжи да става вето тоа значи дека нема да може да ги започнеме преговорите. Но, ние нема да се откажеме од оваа цел, затоа што е стратешка цел на државата за која има консензус на граѓаните, вели Османи.
Министерот за надворешни работи повтори дека решение за разликите со Бугарија е можно и го гледа во враќање на довербата во Договорот за добрососедство. Притоа изрази незадоволство од продуктивноста на работата на Мешовитата комисија за историски прашања која е многу важен дел од Договорот.
-Ја земавме за пример Германско-полската комисија која се состанува еднаш годишно и првите резултати ги дава после 10 години. Во таа компарација нашата беше реално многу поактивна и попродуктивна во првиот период. Во последно време и јас имам забелешки на Комисијата и тоа за двете страни на Комисијата, бидејќи мислам дека влегоа во една инхибрирачка динамика и во отворањето на теми, и во разговорите и во изнаоѓањето решенија, преку премногу бирократизирање, страв од отворање теми што веќе станува непродуктивно иако на почетокот беше создадена добра основа за да може да се продолжи со резултати. Иако работат автономно и не добиваат политички диктат од нас, сепак ги охрабрувам јавно да излезат од маѓепсаниот круг на инхибирачката динамика наметната во последните состаноци, вели Османи.
Тој посочи дека самиот го има покренато прашањето на повеќе средби за вклучување на независна трета страна во работата на Комисијата, односно експерти во оваа област од други држави, но вели, нема интерес за тоа, пред се, од бугарска страна.
-Ги охрабрувам да излезат од тој негативен фидбек во кој се влезени и евентуално ако може да помогне и експертска помош од страна тоа да го направиме, бидејќи Комисијата е многу важен инструмент од Договорот и од работата на Комисијата се добива впечатокот за динамиката на имплементацијата. И мислам дека апсолутно не треба да се плашиме за отвороњето на историските теми. Никој не може да ја менува историјата, треба да разговара отворено, без никакви стравови и предрасуди помеѓу експертите за да може историјата да ја користиме како мост за зближување, а не за раздвојување меѓу народите и државите, смета шефот на дипломатијата Османи.