ЕК го заклучи текстот на преговарачката рамка и го предаде на Советот на ЕУ. Ова е само нацрт верзија и моето очекување е до октомври да биде прифатен финалниот текст. Добро е што ова се случува во време на германското претседателство кои се големи поддржувачи на нашиот европски пат, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на прес – конференција пред Секретаријатот за европски прашања.
Се работи за нацрт верзија, посочи Османи, што е основа врз која земјите членки ќе ги изнесат своите национални ставови и потоа рамката ќе се носи со консензус.
– Потоа се очекува да биде закажана и заедничка меѓувладина седница, истакна Османи.
Османи, појасни дека со новите механизми на преговарачкиот процес, брзината и напредокот ќе зависи од самите нас, но и дека ЕК ќе има механизама да го препознае и намали пристапот до ЕУ фондовите доколку има застој.
На крајот, Османи уште еднаш упати честитки за постигнатиот историски успех.
– Јасно е дека ЕУ и покрај предизвиците со корона кризата не го замрзна процесот на проширување. Честитки до Оливер Вархеји и Урсула фон дер Лајен, но и на хрватското претседателство. Ние сме во средина на политичка кампања и се надевам дека по 15 јули ќе имаме стабилна влада посветена на европскиот пат, истакна Османи.