Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, вечерва во дебатниот магазин Клик плус на ТВ21 истакна дека мнозинството е загарантирано и имаат 61 пратеник.
Османи не сакаше да зборува за имиња и детали, а побара и разбирање да се почека неколку денови.
– Не е коректно јас да зборувам во името на тие што треба да излезат, да почекаме уште малку, рече вечерва Османи.
Тој во дебатниот магазин на ТВ 21 истакна дека „мнозинство со политичката партија Левица внатре, води кон дестабилизација на земјата“.
– Една партија која во својата програма има напишано дека е потребно да излезе од НАТО, тоа води кон дестабилизација. Тоа е неприфатливо. Замислете во Германија да има партија која бара Германија да биде надвор од НАТО и да биде дел од Влада? Незамисливо. Значи ние сме отворени за соработка со сите партии, освен со Левица. Со нив е невозможна соработката. Таа партија е анти-НАТО. Ќе видиме што ќе покаже времето. Таму имаше инструкции и мешање од надвор. Да почекаме да заврши истрагата и ќе видиме дали имало мешање од надвор. Не можам да тврдам, но верувам дека имало обиди за мешање од надвор, рече Османи.
Тој покрај другото говореше за датумот од ЕУ и за денот кога требаше да се гласа доверба на Владата во Собранието на Република Македонија.
– Замислете, 10 часа траеше кризата во државата. Чекавме да видиме дали ќе падне Владата. Владата не падна, но тие 10 часа целиот фокус на големите ЕУ сили беше кон нашата земја. Нивниот интерес за С. Македонија е голем. Сега сите работиме за добивање на датум за отпочнување на преговори, рече Османи.
Тој вели дека мора да врши притисок насекаде, и во Брисел и во Скопје.
– Тоа е моја работа. Ние работиме на 14 декември да добиеме датум за отпочнување на преговори. Ако не биде тоа, може и на 15 декември, па може и на 16 декември Бугарија да го повлече ветото. Најдоцна во јануари, очекувам да имаме нова Влада во Бугарија. Ние нашите обврски сме ги завршиле, но работиме сериозно сега на 14 декември да добиеме датум, рече вечерва Османи.