Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека никогаш не реагираат и нема да се мешаат за коментари на историската комисија по однос на историските прашања, бидејќи, како што вели „основниот принцип е политиката на политичарите, историјата на историчарите“.
– Политичарите да не коментираат историски прашања, историчарите да не коментираат политички прашања. Сите членови можат да коментираат што сакаат за тоа какви погледи имаат кон историјата. Тоа е нивна должност. Ние не треба да ги коментираме, политиката не треба, но историчарите не смеат да зборуваат за процесот што ги дефинира политичките прашања. Замрзнувањето на улогата на Комисијата за историски прашања е минирање на Договорот за добрососедство. Тоа е веќе политичко прашање. Тоа не е содржиско прашање на нивната работа. И затоа нема да реагираме за тоа што они го коментираат и јавно за содржината на нивната работа, но не треба да се мешаат во политичкиот процес како што јас никогаш нема да влезам во коментари за историски прашања и за содржината на нивната работа и мислам дека е тоа фер однос и така треба да биде и тоа ги заштитува нашите позиции, вели Османи.
Тој истакна дека јавноста и општеството не смеат да расправаат за историските личности и нивното значење, меѓу кои е Гоце Делчев, туку тоа може да го расправа само Комисијата.
Османи потсети дека на агендата на Комисијата не е стигнато до тоа прашање, бидејќи не ги надминале претходните прашања и оти е важно да има процес и историската комисија да решава за овие прашања, а не јавноста, политичарите и новинарите, како и двете општества.
Во однос на заедничкото одбележување настани, тој вели дека тоа е процес што е продукт на работата на Историската комисија.
– Тоа значи дека различните интерпретации на двете држави и општества по однос на одредени историски настани или личности се надминуваат во заеднички наратив од страна на историчарите во Комисијата. Откако тој наратив ќе се договори помеѓу нив и ќе се испрати до двете влади и двете влади ќе ги објават како заеднички наратив, тогаш почнува процес на официјално заедничко одбележување на тие настани и личности согласно наративот договорен од страна на Комисијата, вели Османи.
Тој посочи дека веќе имаме предуслов за пет историски личности, меѓу кои и Светите Кирил и Методиј, и Климент Охридски заеднички и официјално да ги одбележуваме затоа што и двете страни од Комисијата веќе имаат договорено заеднички поглед кон нивната улога и нивното значење за двете општества и држави и оти тоа е заедничко официјално одбележување.
– Е тоа е заедничко официјално одбележување. Гоце Делчев се уште е во процес на разговори помеѓу Историската комисија што значи не е предмет на тоа официјално заедничко одбележување бидејќи се уште имаме различни интерпретации по однос на улогата на значењето на оваа важна личност за нас, подвлече Османи.
Шефот на дипломатијата оценува дека процесот на работа на комисијата е поврзан и со вкупниот политички амбиент меѓу државите, и оти очекувањата се дека со враќање на довербата меѓу двете држави ќе се охрабрат и тие да влезат во тој процес и според научни методологии да дојдат до заеднички наративи.
Во однос на промената на составот на Комисијата, рече оти ја отворил таа тема, не заради тоа што имале планови за промена, „туку да се внесе свежина во односите“.
– Кога имате една група што работела повеќе од една година во услови на непридвижување напред се создаваат и такви односи што некогаш придонесуваат негативно за развојот. Се обидувам да не се мешам во составот, иако е моја надлежност. На пример, последниот член што се уште го немаме во Комисијата по оставката на претходниот, моја должност е да го предложам до Владата. Таа должност ја пренесов на претседателот на Комисијата тој да ми предложи мене кој да биде следниот, па јас тој да го предложам во Владата без никакви мои забелешки по однос на тој предлог бидејќи, не се мешаме во нивната работа. Но, за целокупниот процес дали треба да работат или не тоа е веќе прашање на кое јас и ние како Влада сме должни да го гарантираме процесот на имплементација на Договорот од 2017 година, рече Османи.
Османи информираше дека следниот состанот на Заедничката историско-образовна комисија ќе се одржи на 28 февруари.
Во однос на вчерашното одбележување на јубилејот на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Османи вели оти тоа било одлука на двете држави, односно на двете влади да испратат делегации што ќе го почитуваат и одбележуваат овој ден, притоа се уште имајќи разлики по однос на улогата, значењето и различните интерпретации.
– Меѓутоа, сметам дека ваквите политички гестови можат само да помогнат во амбиентот, бидејќи разликите не секогаш треба да се гледаат како негативни за односите меѓу двете држави, бидејќи на крајот на краиштата историјата е таква да мултиперспективноста и е дозволена па некогаш е и преферирана во интерпретациите на различните историски личности и настани. Така што, се обидувам да гледам на позитивниот аспект на овој гест во кој сите одаваат почит на личности коишто се значајни за нас, рече Османи.
Тој истакна дека делегацијата на Владата на Бугарија била тука на покана на Бугарската телеграфска агенција на отворањето на канцеларијата на агенцијата во Скопје, изразувајќи надеж дека и покрај различните интерпретации, Историската комисија сепак ќе се охрабри да направи заеднички поглед кон значењето од овие личности и настани што ќе создаде мост за соработка помеѓу двете држави.