Сметаме дека првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите треба да се одржи веднаш и без одлагање и работиме тоа да се случи уште во јунскиот самит на ЕУ, рече на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Мислам дека клучната порака од вчерашната резолуција е дека РС Македонија испорача и дека сега е време на ЕУ да ја испорача и сите вакви резолуции, заклучоци, информации на европските институции само ја потврдуваат европската перспектива на државата, нагласи Османи.
Сепак, додаде, политиките за проширување во ЕУ, се носат со консензус, ќе мора согласност од сите земји членки.
– Очигледно дека имавме јасна недвосмислена поддршка од 26 земји членки за текстот на преговарачката рамка и за почеток на преговорите уште минатата година, но треба согласност од сите 27 земји за да може да се усвои текстот и да се одржи првата конференција, рече Османи.
Во овие последни денови пред изборите во Бугарија, рече, можам да посакам успешни избори таму и брзо формирање на институциите со цел да да продолжиме со комуникацијата во делот на дефинирање на терминот за состанокот на првата меѓувладнина комисија и со тоа да се дефинира тој акциски план кој го предвидовме во рамки на таа соработка.
– Не верувам дека во овие неколку дена пред изборите кои се таму наредната недела дека може да се направи суштински напредок, заклучи Османи.
Нагласи дека во нашиот календар, таргет термин за започнување на преговори е јунскиот самит на ЕУ, а според него, сите земји членки работат на постигнување на овој временски таргет, односно отпочнување преговори во јуни.
– Мојот впечаток е дека и во португалското претседателство, но воопшто и кај другите земји членки сериозно се сфаќа потребата за итно, неодложно почнување на преговорите со РСМ и мислам дека во оваа фаза тоа веќе не е само прашање на убедување и волја, туку е преведено и во конкретни чекори. Јас очекувам тие конкретни чекори да се материјализираат брзо во наредните недели, рече Османи.
Во однос на историската комисија, Османи истакна дека редовно се одржуваат состаноци, меѓутоа текстот за годишниот извештај се уште не е усогласен.
– Комисијата редовно одржува состаноци, претставници на комисиите се состануваат редовно за следните средби, но и да го усогласат текстот за годишниот извештај, кој за жал уште не е усогласен, но има мал напредок на секоја средба. Важно е средбите да бидат почести да се усвои текстот на извештајот за следната недела да може да го иницираме датумот за одржување состанок на Комисијата, додаде Османи.