Кандидатот на ДУИ за претседател Бујар Османи денеска преку својот Фејсбук профил упати покана за заеднички ифтар до претседателските кандидати Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ, Арбен Таравари поддржан од албанската опозициска коалиција Вреди и Максим Димитриевски од партијата ЗНАМ.

Како што потенцира Османи на објавата, ги кани на заеднички ифтар за да се договораат за позитивна и конструктивна кампања.

-На денот кога ја чекаме потврдата на нашите кандидатури за претседател на РС Македонија, сакам да ги поканам кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски на заеднички ифтар со цел во духот на овој месец да разговараме и да се договориме за позитивна, конструктивна кампања и натпревар на идеи за да добиеме европски претседател, вели Османи во објавата на Фејсбук.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница закажана за во 14 часот треба да ги потврди кандидатурите на седуммината претседателски кандидати за изборите на 24 април. Кандидатури поднесоа Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска – Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Арбен Таравари поддржан од коалицијата „Вреди“.

Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати ДИК ќе ја одржи најдоцна на 28 март.