Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање денеска изјави дека лично од првиот ден е ангажиран за ослободување на Томор Морина, поранешен припадник на ОВК, кој беше уапсен пред пет дена на граничниот премин Блаце, по потерница издадена од седиштето на Интерпол во Лион.
– Очекувам одговор, имам поднесено службено барање до судијката која ја спроведува постапката да ми дозволи да го посетам. Во текот на денешниот ден ќе се обратам до институцијата да го посетам бидејќи јасно е дека нема координација меѓу неговиот адвокат, барањето за екстрадиција итн…, рече Османи, додавајќи дека е болно што после 20 години од конфликтот, како што истакна, луѓето уште да се задржуваат и да се приведуваат за конфликтот.
Со оглед на тоа што потерницата е издадена од седиштето на Интерпол во Лион, наведе, судството во земјава треба да ги помине потребните судски постапки се додека Министерството за правда донесе одлука за не екстрадирање на Морина.
– До овој момент нашите информации се дека се уште не е доставено барање од страна на адвокатот до Министерството за правда. Секојдневно контактираме со министерката за правда, изјави вицепремиерот Османи.
Потенцира дека во вакви ситуации, толку колку што може политиката да влијае, рече, „правиме се што е можно и итно треба да се ослободи Морина“.
На новинарско прашање во кое својство ќе го посети Морина, вицепремиерот Османи одговори дека не се врши притисок врз судството, туку, рече, жално е што се случи овој настан бидејќи влијае на односите помеѓу нас и Република Косово.
– Потерницата е за српски граѓанин, а ние не ги познаваме тие луѓе како српски граѓани, туку тоа се граѓани на Република Косово, држава со која ние имаме соработка. Тоа е беспредметно. Овој пат е специфично што потерницата не е преку билатералната соработка преку српскиот Интерпол, туку преку централата на Интерпол во Лион и затоа нашата држава треба да постапува според сите процедури. Нашиот притисок е врз Министерството за правда да ја забрза постапката. Мојата посета е како пријател на Република Косово и како претставник на Влада што е пријател на Република Косово за да се даде порака оти ова прашање мора системски да се реши и да не се случи веќе за конфликтот од 1999 година ние да влеземе во тие односи помеѓу Србија и Косово, појасни Османи додавајќи оти е време за помирување помеѓу државите. С. Македонија, истакна, има подеднакво добри односи и со Србија и со Косово.
– И денешната прес-конференција на која требаше да присуствува и српската амбасадорка и да ја промовираме соработката е токму таа порака дека сакаме добри односи и со Србија, но никако на сметка на добрите односи со Република Косово, рече Османи.
Српски медиуми објавија дека Министерството за правда на Србија утрово поднело молба до надлежните институции на Македонија за испорачување на Морина.