Имаме независен систем кој се бори против криминалот и корупцијата, оценува премиерот Зоран Заев и додава дека пример за тоа е случајот „Рекет“.

 -Кога државата создава услови преку политиката или извршната власт,  за јавното обвинителство, за судството да гони криминал, некогаш чувството на првиот бран е драматично, тоа боли, тоа може да разгненува дел од граѓаните, но никаде не било лесно во ниту една земја кога се отварале сериозни процеси за борба против криминалот и корупцијата. Ова е еклатантен пример на борба против криминалот и корпуцијата без разлика на кој се однесува, така што ние имаме поединци во општеството кои можат да бидат индикативни, докажливо вмешани или слично. Системот функционира, конечно има независен систем кој што апсолутно се бори против криминалот и корупцијата, изјави премиерот Заев одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Куманово.

Тој рече дека доколку во овој период, после решените меѓународни прашања со интеграциите, во државата не се  зајакне правната држава и владеење на правото, ќе ја пропуштиме оваа непроценлива можност.

-Затоа апелирам и секогаш користам прилика да ги мотивирам сите истражни органи да тргнат во борба против криминалот и корупцијата, таму каде што има докази и индиции, изјави Заев.

Граѓаните, како што рече, внимателно да ги следат процесите, бидејќи тие се конечниот инспектор врз државните, судските органи…

Оцени дека само на тој начин ќе се среди државата и дека борбата против кринималот и корупцијата не значи само правна држава, туку и економија раст, стандард…

-Само овој процес уште еднаш докажува дека борбата против кринималот и корупцијата не препознава никој да го стави во заштита, да го стави на страна или да не се однесува за него. Законот мора да важи еднакво за сите и секако истрагите ќе се водат против сите кои што дефинитивно се огрешиле,  истакна Заев.